Сезона од соништата: Ненад Димитријевиќ е МВП во ВТБ лигата

Најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ и официјално е признаен за МВП на регуларниот дел од сезоната во ВТБ лигата.

Лидерот на УНИКС Казан заслужено го добива највредното одличје во ВТБ лигата. Неговиот тим во моментов води 2-0 во серијата од разигрување за титулата против Самара. Димитријевиќ сезонава имаше 19 поени, 6,6 асистенции и 3,6 скока со 1,3 украдени топки по натпревар.

Со неговиот просечен учинок има индекс-поени 23,9 што е најдобар во целата лига.

„Навистина сум среќен за ова признание. Сезонава одигравме многу важни и неверојатни натпревари, а воедно бевме и први на табела во регуларниот дел. Наградата ми годи, но резултатите се заслуга на целиот тим“, вели Нено.

Оваа сезона Димитријевиќ постави неколку рекорди а на мечот против најтрофејниот руски и еден од најтрофејните европски клубови ЦСКА Москва во решавачки дуел за прво место постигна 40 поени со 9 асисенции. УНИКС Казан за првпат во својата клупска историја го освои првото место по крајот на регуларниот дел од сезоната а во моментов е и фаворит за титулата.

26 април 2024 - 10:44