Познато на што се кладел Сандро Тонали како играч на Њукасл, доби нова казна

Италијанскиот репрезентативец кој е привремено отстранет од репрезентацијата и од Њукасл поради големиот обложувачки скандал, доби нова казна од англиската фудбалска асоцијација (ФА).

Во март годинава ФА соопшти дека истражува 50 нови нарушенија на правилата од Сандро Тонали во периодот од 12-ти август до 12-ти октомври 2023-та година кога Италијанецот веќе беше член на Њукасл. Ова значи дека тој се кладел и на Островот по доаѓањето од Милан.

Познати се и четири кладби на Сандро Тонали од горенаведениот период:

  • - победа на Њукасл над Брајтон на гости на 2 септември 2023-та (Њукасл изгуби 3-1) и победа на Њукасл над Барнли на 30 септември 2023-та (2:0 триумф на Њукасл);
  • - победа на Њукасл над Брентфорд на 16-ти септември 2023 (триумф на Њукасл 1:0);
  • - победа на Њукасл над Манчестер Сити на 27-ми септември 2023-та во Лига Куп (триумф на Њукасл 1:0);
  • - победа на Њукасл над Вест Хем на 8 октомври 2023-та (мечот од Премиер лига заврши 1:0 за Њукасл);

На 2. мај годинава ФА објави дека независна комисија го суспендирала Тонали уште на два месеци условно до крајот од сезоната 2024/2025. Фудбалерот е казнет и со 20.000 фунти.

Сандро Тонали признал дека иако не бил во целост запознаен со англиските прописи за спортско кладење, знаел дека му е забрането. Од ФА соопштија и дека Италијанецот избегнал сериозна казна затоа што се кладел само на победи на својот клуб. Самиот играч изјавил дека не ставал повеќе од 10.000 евра и дека мотивот не му бил финансиска заработка затоа што веќе „заработувал значајни пари“ во Њукасл.

ОДИ НА ТЕРАПИЈА И МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ ДО АВГУСТ

На 26-ти октомври 2023-та година откако изби голем скандал со неколку италијански фудбалери кои се обложувале, Сандро Тонали после опсежна истрага беше суспендиран на десет месеци. Тој признал дека се обложувал на натпревари на Милан додека играл за клубот. Тонали соработувал со истрагата и признал дека е зависен од коцкање.

Италијанскиот фудбалер кој освои Европско првенство 2021-ва среде „Вембли“ во историското финале со силната Англија, добил дозвола да тренира во Њукасл но му било наложено да посетува осуммесечна терапија во борбата против таканаречената лудоманија, односно зависност од коцка. Тој исто морал и да посетува средби со младински тимови и аматерски екипи каде држел предавања.

Според казната ако не ги исполнува сите тие услови до крај, ќе биде отстранет од фудбалот на 4 години што значи и практично крај на кариерата на талентираниот фудбалер.

Како што пишува La Gazzetta dello Sport, Њукасл му ја стопирал исплатата на плати поради суспензијата така што Сандро ќе остане и пократок за 7 милиони фунти од првата сезона во клубот. 

Премиерлигашот го направи Италијанецот најскапо засилување во историјата на клубот откако за него на Милан му плати 70 милиони евра за петгодишен договор со Тонали. Њукасл во моментов сезонава има 53 бода во Премиер лига и се бори за шесто место кое води во еврокуповите.

Сандро Тонали нема да игра ниту за Италија на Евро 2024 кое ќе се одржи од 14-ти јуни до 14-ти јули. Суспензијата му истекува на 29 август.

4 мај 2024 - 11:01