Запознавање со ривалите

Што го чека Вардар во Лига Европа

Многумина очекуваа клубови од поблиски градови ширум Европа, со цел полесно да се режира евентуално гостување, а Ерик Абидал извлече далечни дестинации. Што е тука е, Вардар го очекува убава фудбалска есен.

Во годината во која слави 70 години постоење, Вардар за својот роденден доби најубав можен подарок: пласман во Лига Европа, подвиг кој не му успеал на ниту еден македонски клуб во историјата. Како награда за тешко извојуваните победи против реномирани противници во време на летните одмори, „црвено-црните“ ќе бидат дел од фудбалската мапа на Европа.

Што, кој и каде го очекува македонскиот шампион:

ЗЕНИТ

По титанот од Истанбул, Вардар ќе гостува и кај рускиот гигант Зенит од преубавиот Санкт Петерсбург, „руската Венеција“.

На клупата на петкратниот руски шампион летово седна Роберто Манчини, човекот кој со Интер и Манчестер Сити освои голем број трофеи. Необично, од пред два месеци Зенит доби нови прекар - „мала Аргентина“, од причина што во тимот пристигнаа неколку Аргентинци кои од старт покажаа што знаат со топка.

Од Лион дојде аргентинскиот стопер Емануел Мамана кој игра во врвна форма летово, од Атлетико Мадрид пристигна големата надеж на „гаучосите“ Матиас Краневитер, од Рома стигна играчот за врска Леандро Паредес, а од Индепендиенте полушпицот Емилијано Ригони. Најголемо засилување и предводник на „аргентинската банда“ секако е пеколниот напаѓач Себастијан Дриуси кој има 21 година и дојде од Ривер Плејт за 15 милиони евра. Големо засилување е и српскиот репрезентативец Бранислав Ивановиќ кој дојде од Челси.

„Тешка група. Ова се сериозни клубови од сериозни првенства. Јас најдобро од сите го знам Вардар, тоа е сериозен противник. Секогаш е тешко да се игра против шпанските екипи. Норвежаните традиционално најмногу внимание посветуваат на еврокуповите, а од времето таму многу зависи. Ќе биде интересно. Должни сме да направиме се за да ја пројдеме групата. За мене лично најинтересно ќе биде кога ќе се сретнеме со Вардар“, изјави капитенот на српската репрезентација од Зенит, Бранислав Ивановиќ.

Најдобар стрелец во првите неколку кола е рускиот репрезентативец Александар Кокорин кој даде 6 гола.

Покрај нив, Зенит се засили и со неколку домашни млади играчи од Ростов како и со одличните ветерани Кристијан Нобоа и Јури Жирков. Клубот го напушија Португалецот Дани кој отиде во Славија Прага, Роберт Мак кој замина во ПАОК, Жулијано во Фенербахче, а Хави Гарсија во Бетис. Легендарниот Кержаков ја заврши кариерата.

Сето тоа како да не му беше доволно на Манчини кои во неделата ги изненадил новинарите: „Потребни ни се новајлии затоа што за ваков распоред четврток-недела Зенит нема доволно играчи. Екипата уште е некомплетна“, изјавил Манчини на прес-конференција после мечот со Ростов и ги зачудил новинарите кои броеле 25 фудбалери или 2 тима кои можат да играат на три фронта сезонава.

Стадион: „Крестовски, Зенит Арена“

Ако се знае кој стои зад Зенит (најголемата нафтна компанија во Русија), тогаш не чуди податокот дека новиот и ултра-модерен стадион „Крестовски“ во моментов важи за најскапиот фудбалски стадион на светот. Се наоѓа на западната страна од Крестовски Островот во Санкт Петерсбург.

Има капацитет од 68.134 гледачи а го отворија пред само два месеци за Купот на Конфедерации. Стадионот „Крестовски“ е граден за потребите на Светското 2018. Проектот „The Spaceship“ е на феноменалниот јапонски архитект Кишо Курокава а дизајниран е како Тојота Стадионот во Јапонија.

Вардар ја отвора Лига Европа токму против Зенит на 14. септември во Скопје а на модерниот „Крестовски“ ќе гостува на 23. ноември во студената руска зима.

РЕАЛ СОСИЕДАД

Гостувањето во Сан Себастијан, на крајниот север на Шпанија сосема извесно ќе биде една од најубавите авантури во историјата на Вардар.

Овој град се наоѓа на само 20 километри од границата со Франција и е смета за центар на баскиската култура. Во 2016-та година Сан Себастијан беше прогласен за Европска престолнина на културата.

Има околу 186.500 жители (според попис од 2013-та) но се зголемува двојно во време на туристичка сезона. Климата му е океанска и Сан Себастијан важи за најдождливиот град на Иберискиот полуостров. Најпривлечна дестинација е заливот Ла Конча (Bahía de la Concha/Kontxako Badia) којшто нуди плажа од соништата пред која е островчето Санта Клара.

ЕКИПА

Реал Сосиедад е двократен првак на Шпанија (1980-1981, 1981-1982) кој освоил два Купа (1908-1909, 1986-1987) и еден Супер Куп (1982). Сосиедад важи за „нагазна мина“ за големците во шпанскиот фудбал па во Сан Себастијан редовно се сопнуваат Барса, Реал, Севиља, Валенсија или лутиот ривал Атлетик Билбао.

Најпознати играчи секако се Карлос Вела, Иљараменди кој се врати од Реал Мадрид, Аднан Јанузај кој играше во Манчестер Јунајтед, капитенот и легендарен Чаби Прието, одличниот голман Џеронимо Руљи, Хуанми, Агирече и Вилијан. Тренер на екипата е Еузебио Сакристан кој прави одлични резултати и кој за малку не обезбеди место во квалификациите за Лига на шампионите минатата сезона.

„Мене ми предстои подобро да ги изучам противниците од групата. Зенит - очигледно најсилна екипа која ќе ни биде главен ривал. Розенборг и Вардар во квалификациите ги елиминираа Ајакс и Фенербахче. Против нив исто ќе бидат тешки натпревари“, изјави Сакристан после ждрепката.

Стадион: „Аноета“

Еден од најлегендарните стадиони во шпанскиот фудбал. Отворен во 1993. година, собира 32.076 гледачи. Со сини седишта и прекрасен покрив овој стадион е еден од поубавите во Примера. На овој стадион гостувале многу светски познати групи како The Rolling Stones, Depeche Mode, Linkin Park, Bruce Springsteen & The E Street Band, U2 и други.

Во 2004 година тогашниот претседател на клубот Хозе Луис Астизаран предложил реновирање на стадионот, но проектот вклучувал хотели и трговски центри, па Советот на градот го одбил предлогот. Но пред две години се донела одлука за целосно реновирање на стадионот кој според планот би требал да го зголеми капацитетот на 45.000 гледачи.

На „Аноета“ Вардарци ќе гостуваат на 19. септември.

РОЗЕНБОРГ

Пред било што да кажеме за најтрофејниот норвешки клуб, само да потсетиме дека во баражот го елиминираа Ајакс кој пред само неколку месеци играше во финалето на Лига Европа против Манчестер Јунајтед. Неверојатно звучи податокот дека после цели 50 години Ајакс нема да игра во Европските натпреварувања а виновник за тоа е норвешкиот првак кој во Амстердам славеше 0-1 а дома 3-2.

Претходно Розенборг за малку не стигна до плејофот на Лига на шампиони откако по ремито во Шкотска со Селтик 0-0, загуби дома 0-1 и испадна во квалификациите за Лига Европа.

Со 24 освоени титули во првенството, Розенборг е убедливо најтрофеен клуб од Норвешка. Има и 11 трофеи од Купот и играл во Европа повеќе од кој било друг норвешки клуб.

Розенборг е екипа од Трондхајм, крајниот север на Норвешка. Овој град е оддалечен 493 километри од престолнината Осло и во еден правец има околу 8 часа возење со кола. Се работи за третиот најголем град во земјата со популација од 196.972 жители.

ЕКИПА

Најпознат играч во тимот со сигурност е ’лорд’ Никлас Бендтнер. Капитен е неговиот сонародник, Данецот Мике Јенсен а екипата е претежно составена од репрезентативци на Норвешка. Ударна игла со Бендтнер во нападот е Нигериецот Самуел Адегбенро кој сам го победи Ајакс (гол во Амстердам и два гола во реваншот).

Организатор на играта е бројот 10, Исланѓанецот Матиас Вилјамсон а од втор план се уфрла Србинот Милан Јевтовиќ. 

Очекувано, после 20 одиграни кола во домашното првенство Розбенборг е прв со 41 бод. Има 12 победи, 5 нерешени и 3 порази со гол разлика 39:16.

Стадион: „Леркендал“

Стадионот „Леркендал“ има капацитет од 21.405 гледачи и се наоѓа на 3 километри јужно од центарот на Трондхајм. Интересно е што клупските простории се наоѓаат во местото Брака во бараки изградени од Германците за време на Втората Светска војна.

На овој стадион Вардар ќе игра на 28. септември а реваншот против Розенборг во Скопје е закажан за 7. декември.

29 август 2017 - 13:40