На уште неоладено премиерско столче, Џонсон веќе штанца хонорари од стотици илјади долари

За 8 и пол часа учество на американска конференција за осигурување, Борис Џонсон наплатил вкупен хонорар од 326.000 долари, што би му дошло околу 38.400 долари од час.

За овие пари Џонсон најмногу се изнаработил за време на 30-минутниот говор пред учесниците на Конференцијата на Советот на агенти за осигурување и брокери, и уште 45-минути интерактивен разговор со нив.

Џонсон првично пријавува само 150.000 долари хонорар од оваа тезга, но подоцнежните документи до кои доаѓа Скај њуз, покажуваат дека сумата е над 320.000 долари.

Освен дневницата на Џонсон, организаторите плус подмириле превоз и сместување за него и двајца негови асистенти.

Сумите се од официјалните документи за примени подароци што Џонсон мора да ги пополнува како пратеник во британскиот парламент. Во нив стои и дека Руперт Мердок му има платено речиси 13.700 долари авионска карта на Џонсон за лет и сместување на поранешниот премиер и двајца негови соработници на конференција во Монтана. Како и тоа дека донатори на Џонсон, му дозволиле на екс-премиерот и неговото семејство да престојуваат во нивната куќа во Доминиканската република.

21 ноември 2022 - 10:05