Во Париз ќе биде безбедно од дронови и клима уреди

350 милиони евра вредниот автоматизиран одбранбен систем кој треба да ги штити сите настани на отворено на Олимпијадата во Париз главно работи како што треба освен што надворешните единици на клима уредите ги меша со дронови.

На неодамнешниот тест во густи урбани средини, Парада системот, кој треба да е централен столб на одбраната од терористички напади на игрите,  успеал да го детектира секој трет дрон и тоа на далечина од само 800 метри. Системот исто така ги мешал пропелерите од клима уредите со пропелери на дрон.

Се работи за еден од 13 различни анти-дрон системи кои ќе бидат употребени на Олимпијадите, меѓу кои има и опрема за попречување на сигналот испорачана од британската авијација. Француски извори објаснуваат дека соработката со британската армија нема врска со лошите резултати на тестовите и дека соработката е планирана од претходно.

Главниот страв е евентуален напад за време на отворањето кога Олимпијците со бродови ќе бидат пренесувани преку Сена, а се очекува над 300.000 луѓе да гледаат од брегот на реката. Безбедносните експерти предупредуваат дека е можно дронови да бидат опремени со експлозиви. Во Франција има околу 3 милиони дронови.

Првиот поголем тест за Парада беше за време на минатогодишното Светско првенство во Рагби што се одржа во Франција, кога системот детектира 55 дронови.

Производителот Талес порачува дека системот и неговите сензори ќе бидат фино подесени до почетокот на Олимпијадата за да им биде корисен на француските безбедносни сили.

9 мај 2024 - 15:10