Како Путин го искористи пеналот наместен од ЕУ

Веднаш по завршувањето на разговорот со очајниот италијански премиер, Путин наредува товарање руска помош на воени авиони и испраќање директно во Италија. Претходно ЕУ имаше неброени шанси да го спречи овој телефонски разговор.

Руската пратка во Италија е дочекана на високо ниво, на лице место на воениот аеродром во Рим е и италијанскиот министер за надворешни работи. Тој таму ги пречекува заштитните маски и одела, вентилаторите, опремата за тестирање, и руските доктори и тимови за дезинфекција.

И покрај речиси историската одлука на Европската централна банка за простување на стотици милијарди евра долг на Италија, со цел нејзината економија да пркне во најскоро време, презирот кон ЕУ во Италија е на речиси историско високо ниво.

Главната омраза кон лидерите на ЕУ, кои до пред некој месец се колнеа во братството и единството на ЕУ народите, е заради нивната одлука да го ограничат извозот на медицински средства што и беа неопходни на Италија, а кои секоја членка на Унијата безмилосно ги трупаше додека се подготвуваше да биде погодена од коронавирусот.

Па така Италија своето чаре за решавање на недостатокот на неопходен медицински материјал за спасување на животите на своите граѓани мораше да го бара кај Кина и Русија, и го доби од таму, додека од ЕУ доби бришење бројки на компјутерот на кој е запишан нивниот долг.

„Целата работа е околу перцепција. Оваа медицинска помош од Русија не е ништо во споредба со 750-те милијарди евра долг кои ЕЦБ ќе ги купи. Меѓутоа многу е тешко таа важност да и се пренесе на јавноста,“ објаснува директорката на италијанскиот институт за меѓународни работи во Рим, Натали Точи.

Потегот на Путин Блумберг го толкува како една страна од неговата стратегија, откако деновиве беше објавен документ на ЕУ во кој се тврди дека Русија е одговорна за организирање на кампања за ширење на дезинформации „со цел поткопување на довербата во западните лидери“.

Блумберг ја карактеризира Италија како најслабата алка во единството на ЕУ, не затоа што во кризава е оставена на цедило, туку затоа што тамошните гласачи со години го обвинуваа еврото за своите економски проблеми.

Италијански функционер кој зборува за Блумберг изјавува дека одлуката на ЕЦБ околу долгот на земјата е добредојдена, меѓутоа и дека Италија нема да заборави како другите држави се однесувале кога на нејзе и било најтешко. Самиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо изјави дека Италија ќе памти кој и помогнал во епидемијата.

Во руската пратка има околу 100 специјалисти за вируси кои имаат претходно искуство во руските хуманитарни мисии во Африка за еболата и на други жаришта.

Според руски експерти една од целите на помошта што ја испраќа Путин е да покаже колку е беспомошен НАТО во моментот и како ги остава своите членки на цедило.

23 март 2020 - 12:36