Доброволни даватели на идентитет

Ако мислите дека троловите кои трујат за политика ( кои погрешно ги нарекуваме ботови) се најлоши, веројатно не сте патувале или не сте купувале онлајн. Бидејќи е време за патување и летни одмори, нормално е да ги читате искуствата на другите кои престојувале таму каде што планирате да одите.

Мојата финта е секогаш прво да видам што велат најнезадоволните, па ако препознаам нешто што никако не ми се допаѓа, одам понатаму. Но, можеби грешам, бидејќи интернетот е составен од лажни претстави, односно критики за сè што се нуди на него, од сместување до ресторани и шопинг. И позитивни и негативни.

Не е тоа нешто ново, ќе рече некој, тоа постои од кога постои интернетот. Но, благодарение на четботите, односно вистинските роботи, сега тоа е подигнато на многу повисоко ниво. Чет-ботовите, особено оние развивани за да ни помогнат да пишуваме, се мајстори за имитација на стилот и ставовите на вистинска личност бидејќи со голема веројатност предвидуваат кој би можел да биде неговиот следен пишан збор. Така добиваме веродостојни текстови, дури и подобри од оние напишани од живи луѓе кои имитираат други луѓе во таканаречените „фабрики за тролови“ кои водат вербални војни на интернет.

Истражувајќи ја темата, новинари на „Гардијан“ се обиделе да натераат четбот да напише негативна рецензија за хотел, давајќи му до знаење дека не е чист, персоналот е непријателски настроен, бучно е, климите не работат итн. На почетокот ботот се фемкал правдајќи се дека не е создаден да пишува такви работи. Но бидејќи тоа не е точно (создаден е да пишува што му наредуваат), брзо се предомислил и испорачал остра рецензија. Со неколку интервенции, критиката добива целосно човечка форма ако вклучите и некои „лични искуства“. Уште полесно е да се пишуваат позитивни критики со пијани суперлативи кои треба да го привлечат несреќниот гостин, да го натераат да плати однапред и после - нема назад.

Ни претстои уште полоша иднина ако ние, луѓе од крв и месо, свесни но незаситни, прифатиме ботовите да вежбаат на нас во замена за некои џиџи-миџи (како што Америка беше купувана од домородците). Кон тоа води прашањето дали сакате да продолжите да читате нешто „бесплатно“, но да се согласите со десет страници услови напишани со ситен фонт кои може да се прескокнат со еден клик. Во тој момент, можеби сте му дозволиле на ботот да учи од вашиот стил на пишување, вашите меилови, текстуални пораки, СМС-и, сè што може да најде на вашиот уред, чија врата сте му ја отвориле со клик. После некое време ботот пишува баш како ти, ги прави истите граматички грешки, голта букви ваму-таму, тешко е да се разликува она што навистина си напишал од роботската верзија.

Секој што малку ги следи работите, знае дека во светот на ботовите се води голема војна за „пасење“, односно простор за учење. Твитер се обидува да спречи други компании да користат  твитови за обука, односно да ги хранат нивните јазични модели. Прашање е само дали во иднина ќе го препуштиме нашиот стил на пишување на ботови со мала или малку поголема компензација. И личните фотографии можат да одат заедно со стилот, односно правото да ја ставиме нашата слика во контекст, како навистина да сме во некој град и некој хотел.

Технологијата е тука и се развива. Довербата станува најголема вредност. И реткост.

Зоран Станојевиќ

26 јули 2023 - 10:46