ЧетГПТ може да стане асистент за масовен надзор

Компанија на која Мета ѝ банираше илјадници сметки, неодамна демонстрираше како ВИ може да се користи за мониторирање на расположението на мрежите. На пример, најавени се демонстрации. Се скенираат мрежите, податоците му се даваат на ЧетГПТ и тој ти кажува до каде ќе оди кавгата, дали ќе се прелее на улици и дали ќе треба да се вика полиција. 

Повеќето луѓе користат ЧетГПТ за да добијат одговор на едноставни прашања, да скицираат дискусија или да скоцкаат некој корисен или бескорисен код.

Но, компаниите за шпионски софтвер на големо истражуваат како да користат алатки за вештачка интелигенција за да ги „снимаат“ луѓето на социјалните медиуми.

На пример, компанијата за онлајн надзор Social Links демонстрираше дека ЧетГПТ може да врши „анализа на чувства“, каде што вештачката интелигенција го проценува расположението на корисниците на социјалните медиуми или може да ги потенцира најжестоко дискутираните теми а потоа да предвиди дали интернет активноста ќе се прелее во физичко насилство и дали ќе треба полициски ангажман.

Social Links е основана од рускиот претприемач Андреј Куликов во 2017 година, има канцеларии во Холандија и Њујорк а лани Мета ја означи како продавач на шпионски софтвер па забрани 3.700 сметки на Фејсбук и Инстаграм за кои се сомневаше дека се поврзани со неа и се користат за извлекување податоци од мрежите. Тие негираа и рекоа дека бизнисот им продолжува регуларно.

Голем и оправдан е стравот дека користењето алатки за вештачка интелигенција може да го омасови надзорот на нивоа кои никогаш не би можеле да се постигнат со луѓе. Одозгора на тога, овој вид на технолошко прислушување може да ги засили неточностите или предрасудите а може и да ја однесе дебатата во подземје, бидејќи на луѓето ќе им стане јасно дека секаде и секогаш се мониторирани на интернет.

Во случјот со Social Links, ВИ покажа како може да се користи за следење на протестни движења. Поконкретно, софтверот бил користен да ја процени интернет реакцијата на контроверзниот план на в.д. премиерот на Шпанија да им даде амнестија на каталонските политичари кои се обидоа да добијат регионална независност во 2017 година. Алатката го скенира Твитер за објавите што содржат клучни зборови и хаштагови и ги пушта преку ЧетГПТ кој ги распределува чувствата и ги прикажува во интерактивен график.  Алатката е способна и за брзо сумирање и расчленување на онлајн дискусиите.

Кога сме веќе кај темата, една италијанска компанија, Cy4gate, и нејзините ВИ алатки создаваат непостоечки личности со прецизно одредени карактеристики и нивни уверливи профили на социјалните мрежи. Можат да наштанцаат колку сакаат такви и потоа ги пуштаат да комуницираат со луѓето кои не можат да препознаат дека се работи за виртуелни профили. Велат, ова е корисно за да се ловат криминалци, ама замислете кога некој ќе реши да ги употреби и за нешто обратно од корисно.

 

24 ноември 2023 - 13:14