Цената на биткоинот лани била вештачки зголемувана

Концентрирана кампања за манипулација на цената најверојатно е одговорна за најмалку половина од растот на цената на биткоинот и останатите криптовалути во 2017, се тврди во истражување изработено од академик кој има цело портфолио на откриени измами на финансиските пазари.

Додека минатата година сите стануваа и се легнуваа проверувајќи ги цените на биткоин, експертите постојано алармираа дека вредноста на криптовалутата делумно вештачки се крева од страна на Битфинекс, едена од најголемите и најмалку регулирани крипто-берзи во индустријата.

Авторот на новата студија, професорот по финансии на Универзитетот на Тексас, Џон Грифин, го следи текот на дигиталните токени кои влегуваат и излегуваат од Битфинекс и успева да идентификува неколку шаблони на однесување „кои покажуваат дека некој или некои луѓе во берзата успешно ја кревале цената кога таа паѓала на другите берзи.“

За да го направат ова тие користеле секундарна виртуелна валута, тетер, која е создадена и продавана од сопствениците на Битфинекс, за да купуваат други криптовалути.

„Постои очигледно страшно зголемување на цената во текот на минатата година, и овој документ покажува дека манипулацијата одиграла голема улога во тоа зголемување,“ објаснува Грифин.

Студијата објавена во средата помогна во симнување на и онака опаѓачката цена на биткоинот и останатите криптовалути. Цената на биткоинот падна за 5% по објавување на документот, а таа е веќе падната за 65% во однос на пикот од крајот на 2017.

Авторите на извештајот не поседуваат мејлови или документи кои докажуваат дека Битфинекс е одговорен за манипулација на цената, туку тие се користат со извештаи од милиони трансакции на криптовалути. Како што објаснува Њујорк тајмс „ваквиот метод им помогна на властите и академиците да забележат сомнителна активност во минатото.“

Грифин во студијата го следи текот на тетер, чија вредност е поврзана со вредноста на доларот и кој се издава исклучиво од Битфинекс во големи серии. Тие откриваат дека половина од растот на цената на биткоинот во 2017 се случува во часовите веднаш откако тетер бил испорачан на неколку други берзи, обично кога цената опаѓала. Вредноста на останатите виртуелни валути кои можат да бидат купени со тетер, како етер или зкеш, растеле уште побрзо отколку биткоинот во овој период.

Цените растеле многу побрзо на берзите кои прифаќале тетер отколку на оние кои не прифаќале, а овој шаблон престанал да се случува кога Битфинекс годинава престанал да издава нов тетер.

16 јуни 2018 - 14:43