Славниот Сол Кембел гостин во Општина Илинден и на дербито Вардар - Работнички

Големо фудбалско име од Премиер лигата викендов ни дојде во Скопје, па дури нешто и од кампањата за избори фати, тоест го спомнаа во тој контекст.

Познатиот англиски репрезентативец изненади вчера на Градски, каде го следеше градското дерби меѓу Работнички и Вардар 2:0.

Дојде во работна посета како партнер во швајцарско-македонскиот SportsTech стартап Талнетс, специјализиран за анализа на фудбалски видео податоци со помош на вештачка интелигенција. И вакво нешто да ти постоело.

Столбот на одбраната на Арсенал беше и на фудбалскиот терен во општина Илинден, каде се сретна со пратеникот Драган Ковачки, кој на крајот на Фејсбук статусот наменет за оваа средба напиша: Со глас за број 2, за Гордана, за Македонија!

Кога ќе имате можност во ист пасос да ги прочитате Сол Кембел и Гордана Силјановска-Давкова? Врв.

Инаку Сол Кембел во своето време беше еден од најјаките дефанзивци во свет и ова не му е прво доаѓање во Скопје. Беше дел и од оној славен состав на Англија која на 6 септември 2003-та ни дојде прв пат на Градски како дел од квалификациите за ЕП 2004.

Во одбрана играше со Тери, Невил и Кол, во средина беа Бекам, Лампард, Харгривс и Бат, а во напад Овен и Руни. Селектор Свен Горан Ериксон. Не победија 1:2, Гоце Христов ги изненади во прво, а во второ ја свртеа Руни и Бекам.

На 23 години Кембел во 1998-ма стана втор најмлад капитен на Англија за која има 73 настапи, а во 2006-та стана прв играч кој настапувал со овој национален тим на 6 големи натпреварувања по ред: Три Европски 1996, 2000 и 2004 и три светски првенства: 1998. 2002 и 2006.

Направи кариера за паметење во Премиер лигата каде играше 20 години, а најмногу го паметиме од времето на Арсенал со кој освои две титули 2002 и онаа легендарна 2004 која ја завршија како непобедливи.

Со Топџиите има и освоено и два пати ФА Куп и Комјунити Шилд, а инаку беше стрелец во финалето од ЛШ против Барса во 2006-та кое го загуби со 2:1.

Кембел има освоено Лига Куп со Тотенхем од каде направи трансфер во Арсенал, има еден ФА Куп со Портсмут, а кариерата ја заврши во дресот на Њукасл 2011-та.

15 април 2024 - 08:50