- Анета Георгиевска – Шајн живее и работи во САД и е особен поборник за зачувување на културното наследство. Ја фасцинираат средновековните уметници и преку создавање на боенка за Дичо Зограф се надева дека ќе ги заинтересира и најмладите за културното наследство што го имаме. Таа е и креатор на веб страницата за Дичо Зограф, https://www.dichozograf.org/, каде се претставени делата што таа ги има собирано низ годините како и биографија за овој уметник.
- „Се надевам дека со самиот чин на боење, децата ќе се заинтересираат да посетат места каде што можат да ги видат некои од овие или слични слики. Се надевам дека преку читање на воведниот дел на боенката, кадешто ги репродуцирам страниците на таканаречената автобиографија на Дичо (веројатно напишана од синот Аврам), ќе дознаат малку повеќе за тоа како сликарите во тој период го учеле и совладувале занаетот, како оделе од едно до друго место да осликуваат цркви, во колку и незавидни услови живееле“, вели Шајн во интервју за Трн.
- Дичо е еден од најважните зографи на овие простори од 19тиот век. Покрај неговите активности како иконописец и фрескописец на територијата на тогашна отоманска Македонија, има работено и во соседните земји, вклучувајчи ги Србија и Бугарија.
- Канадската писателка и добитничка на Нобеловата награда Алис Манро, почина на 92-годишна возраст во старечки дом во Онтарио. Таа страдаше од деменција повеќе од една деценија.
- Наречена „титан на кратката проза“ и „канадски Чехов“, Манро извршила револуција во архитектурата на кратките раскази. Објавила 14 збирки со кои во 2013 станала првиот добитник на Нобелова за книжевност од Канада.
- Последната книга, „Драг животе“, е излезена во 2012, а дел од расказите се автобиографски. Велела дека туѓите, лошо напишани книги, ја инспирирале, знаејќи дека може подобро. Покрај Нобеловата има добиено и Букер, како и канадската награда Гилер, за „Блуз од мешана крв“.
- Вчера, 12 мај, беа доделени британските телевизиски награди БАФТА. Најголемо изненадување беше признанието за Тимоти Спал за главна машка улога (за серијата „Шестата заповед“). Во својата категорија тој ги победи Брајан Кокс за „Сксешн“ и Доминик Вест за „Круната“.
- „Шестата заповед“ доби БАФТА и како мини-серија. Најдобра драмска серија е „Top Boy“ (Нетфликс), а меѓународна серија „Class Act“ (Нетфликс), во силна конкуренција на „The Bear“, "The Last of Us" и "Succession". Серијата за британското кралско семејство не доби ниту една од наградите за коишто беше номинирана - четири актерски и уште неколку во другите категории.
- БАФТА за најдобро реално шоу доби „Сквид гејм: предизвикот“, а за настан во живо минатогодишниот Евровизиски пренос од Ливерпул.