Не бркате олимписка норма, нема потреба да станувате во 6 за да вежбате

Луѓето кои вежбаат после 18 часот имаат понизок ризик од развивање на срцево заболување или смрт отколку оние решени сабајлечки да го истераат самонаметнатиот тренинг.

Универзитетот на Сиднеј прави анализа на 30.000 дебели лица со просечна возраст од 62 години. Ги следи цели 8 години за да утврди дали времето во денот кога се вежба влијае на здравјето.

Дебелите луѓе што вежбале после 18 часот имале 61% понизок ризик од смрт и 36% понизок ризик од развивање срцеви болести отколку оние што воопшто не вежбале.

Наспроти нив, оние кои вежбале наутро виделе само половина од оваа ќар, односно имале 33% понизок ризик од смрт и 17% понизок ризик од развивање срцеви болести во споредба со невежбачите.

„Истражувањето покажува дека тајмингот на физичката активност може да биде важен дел од идните препораки за справување со дебелина и дијабетес, и општо за превентивната здравствена заштита,“ објаснуваат истражувачите.

Физичката активност што се следи не е ограничена само на вежбање, туку опфаќа и активности како одење или чистење по дома. Учесниците се поделени во четири категории во зависност од тоа кога се случува најголемиот дел од нивната активност.

14 април 2024 - 15:38