Многу ја скинаа дневната доза на CBD

Препорачаната доза на канабидиол досега беше 70 милиграми на ден. Англичаните сега решија да ја намалат за дури седум пати. За да бидат сигурни, експертите прво мерат на глувци, потоа множат со човечки килограми ама удираат и дополнителен сатар за 400 пати. За на крај да останат само четири капки од најтенкиот CBD. За THC-то немаме нови лоши вести.

Од 2018 година, кога британскиот парламент го легализираше CBD (непсихоактивната компонента на канабисот), продажбата на производи поврзани со CBD вртоглаво порасна. Денес може да се купи CBD масло, CBD вејп пенкалца, CBD кафе, CBD колачи за со CBD кафето...

Бидејќи ЦеБеДе во овој контекст не е лек, тој не е регулиран од регулаторот за лекови туку од Агенцијата за стандарди за храна (FSA).

Пред три години, ФСА препорача дневната доза да не надминува 70 милиграми. Сега ја намалија на 10 mg - приближно четири капки од петпроцентно CBD масло.

Тоа е препорачлива доза, не се апси ако се земе повеќе, но Агенцијата   предупредува на можност од долгорочни здравствени ефекти, на пример на црниот дроб и тироидната жлезда.

Ефектите на CBD се тестирани на низа заболувања, од шизофренија до анксиозност, со мешани резултати. Кога придобивките се очигледни, тоа е обично во многу поголема доза - околу пет пати повеќе од претходно препорачаната максимална доза.

За да утврдат колку е штетна една супстанца - или подобро кажано, кој е максимумот безбедна количина што човек може да ја консумира во одредено време - научниците ја тестираат на животни и потоа применуваат „ниво на корекција“. На пример, ако студија со стаорци покаже дека дозата од 100 mg на килограм телесна тежина е највисоката доза без штетни ефекти, тоа за човек од 70 килограми би значело 7 g дневно.

Но, бидејќи е познато дека некои видови храна или лекови можат да влијаат врз апсорпцијата на други супстанци, експертите за безбедност обично применуваат 400-кратен фактор на корекција на пресметаните вредности. Тоа би го намалило оној внес од 7 g  на само 17,5 mg на ден.

Добар дел од пијачките и други производи кои се продаваат денес ја надминуваат новата препорачана доза, па ќе треба да им кратат на луѓето од цебеде-то.

24 октомври 2023 - 15:06