Како Мишелин стана авторитет за ресторани

Мистеријата е како да успееш да ги убедиш најдобрите готвачи на светот да се грижат за тоа што за нив мисли компанија која произведува гуми. Решението – народ.

Првиот број на Водичот на Мишелин, во кој официјално се објавуваат рестораните кои добиле Мишелин ѕвезда, е објавен во 1900-та. Во овој период во Франција има вкупно 3.000 автомобили (кои тогаш ги нарекуваат кочии без коњи), а главниот бизнис на Мишелин е производство на гуми за велосипеди.

Маркетинг логиката на браќата Мишелин е дека за да им порасне побарувачката за автомобилски гуми, треба да ја зголемиш побарувачката за автомобили, а за да ти успее ова, треба да ги убедиш луѓето дека имаат причина зошто да патуваат некаде подалеку.

Со ваков план Мишелин го печатат првото издание на водичот во 35.000 копии и бесплатно го делат. Во него има корисни информации за патниците како локации на бензински станици, совети за туристи и упатство за менување гуми. По ова тие издаваат исти водачи и за Швајцарија, Баварија, Британските острови и "Земјите на сонцето" (Северна Африка, Италија, Корзика).

Водичот почнува да се наплаќа по Првата светска војна, откако еден од браќата во посета на вулканизер гледа дека тој ги користи примероците од водичот за потпирање на една од работните маси. По ова, браќата се повикуваат на принципот 'човек вистински го почитува само она за што ќе плати,' и престануваат бесплатно да го раздаваат.

Со тек на време водичот станува покомплексен, и веќе рестораните и хотелите почнуваат да се објавуваа во конкретни категории. Браќата го препознаваат се поголемиот интерес на водичот, и најмуваат тим на инспектори кои анонимно ги посетуваат и рецензираат рестораните.

Мишелин ѕвездата се раѓа во 1926-та и се до 1930-та, се дели само една ѕвезда. Тогаш се воведува нова хиерархија:

1 ѕвезда - многу добар ресторан во својата категорија
2 ѕвезди - одлично готвење, за кое вреди да скршнеш од патот
3 ѕвезди - исклучителна кујна, за која вреди да тргнеш на пат

По ова, се е историја.

20 март 2015 - 10:17