„Фак“ им припаѓа на сите

Пријавувањето патенти и заштитувањето трговски марки се стандардно досадни и сувопарни случаи. Но, чат-пат знае да се појави и некоја помрсна епизода. Надлежните во САД неодамна решија дека никој не може да поседува ексклузивно право и на таа основа да заработува од омилената пцовка на англиски јазик.

Случајот кој сега ја доби својата финална одлука започнува уште во 1990-та година, кога извесен Ерик Брунети стартува бренд за облека за скејтери наречен FUCT.

Номинално, тоа било акроним од "Friends U Can't Trust," но јасно е дека тој збор е одбран затоа што се чита исто како и „fucked“.

Брунети сакал да го заштити тоа име и да има ексклузивно право да го користи за широка палета производи, од накит до мобилни телефон. Првично барањето му било одбиено, подоцна имал и пресуди од други инстанци кои оделе во негова корист, но сега дефинитивно го изгубил случајот. 

Интересна е разликата во аргументација која била употребена против неговото барање. Во првиот случај, тој бил одбиен заради правилото да не се заштитуваат пцовки и непристојности. Но десетина години подоцна, Американскиот центар за патенти и трговски марки искористил поинакво објаснување: дека денес фак не е непристоен збор туку е масовно користена фраза во разни контексти и заради таквата масовност, никој не може да добие ексклузивност на неа.  

29 август 2022 - 11:01