Предавство со вкус на месо

Вегански ресторан кој или погрешно ја проценил својата публика или своето знаење од веганска гастрономија, ставен пред избор меѓу пропаѓање или воведување месо, одлучил да го распафка ќумурот.

„Семејството го хранам од овој бизнис, ако не заработувам пари, што ќе правам? Попрво би променил нешто на менито ако тоа ми овозможи да останам отворен,“ изјавил Адонис Норузниа, сопственикот на некогаш веганскиот ресторан во британски Чешир.

Норузниа, кој е веган, објаснува дека имал голема конкуренција од кафулиња, пабови и ресторани, кои се на иста улица како неговиот.

Процената е дека како вегански ресторанот привлекувал само 5% од потенцијалните муштерии, а не било реткост гости да му станат од маса кога ќе видат дека нема месо на менито.

„Кога сум ексклузивно вегански ресторан привлекувам само многу мал број муштерии. Меѓутоа тие вегани со задоволство одат во други кафеа бидејќи сите имаат вегански опции на мени,“ објаснил Норузниа.

Пред да посегне по месото, Норузниа пробал и цели три години да не ги покачи цените на пијалаците или да понуди попусти на храната. Ништо не успеало.

Британски Телеграф пишува дека изминативе години во земјата затвориле повеќе ресторани, дури и такви што работеле повеќе од 10 години, а неколку се во опасност да затворат во скоро време.

„Бумот на чисто растителна исхрана имаше пик во 2021 кога 10% од Британците себе си се опишуваа како вегани или вегетаријанци. До 2023 ова падна на само 7%,“ пишува Телеграф.

Освен рестораните, големи прехранбени компании целосно или делумно ја укинуваат својата веганска понуда и линија на производи, од Нестле кое објави дека гаси два вегански брендови, до ВБајтс, кој го снабдуваше Мекдоналдс со вегански производи, кој за малку се спаси од пропаѓање.

2 февруари 2024 - 16:15