Самсунг почна да го рекетира Епл

Епл: Самсунг, да платите тоа што изгубивте на суд. Самсунг: она чиповите што ви ги правиме за Ајфон, само што станаа 20% поскапи. Некои судски трошоци имаме.

Јужно-корејските медиуми објавуваат дека Самсунг ја кренал цената на чиповите за iOS уредите за 20%. Според нив, Епл наводно сакал веднаш да ја прекине соработката со Самсунг ама немал замена за производителот.

"Самсунг Електроникс неодамна побара од Епл сериозно покачување на цената на процесорите. Епл во прво време се противеше, но откако не најде замена, го прифати поскапувањето," пишува јужно корејскиот Чосун Илбо.

Минатата година Самсунг произведе вкупно 130 милиони чипови за Епл, а за 2012-та бројката ќе се движи нешто над 200 милиони примероци. Самсунг има договор за произведување на чипови за Епл до крајот на 2014-та.

Проблемот на Епл не е да најде соодветен производител, кој би понудил пониска цена, туку производител кој би можел по обем да ја задоволи нивната побарувачка. Сега за сега се во преговори за производство на чипови со тајванските компании TSMC и Kinsus.

Една од причините за зголемувањето на цената е што производството на чипови за Епл моментално зазема сериозен дел од капацитетите на Самсунг. Со поскапувањето, тие се надеваат дека Епл со тек на време ќе ги намали нарачките, по што Самсунг би можел да почне повеќе да произведува за себе.

Обидувајќи се да ја намали зависноста, Епл до сега ги прекина договорите со Самсунг за производство на РАМ и флеш меморија за нивните уреди, а од неодамна и производството на ЛЦД екрани го подели меѓу неколку производители (LG и Sharp).

13 ноември 2012 - 15:52