Подземниот француски бунт против 5Г

Ниту има некоја јасна структура, ниту пак какво било видливо движење или организација, ама во рок од две години во Франција имало најмалку 140 напади и саботажи на 5Г антени и опрема.

Целата работа изгледа како спорадични напади, меѓутоа кога ќе ги собереш се гледа константен раст на системски планирани напади. Властите тврдат дека сите траги водат кон тоа дека зад нападите стојат активисти на „крајната левица“ ама тоа не може да се докаже.

Преку ноќ напаѓачите опожаруваат градежна машинерија, телефонската опрема е уништувана со шмишајбни, сандачиња за струја се столчени со токмаци, се палат и антени, оптички кабли се сечат со секири, а цели метални столбови се отштрафуваат.

„Минатиот ноември три антени беа запалени во Сен-еан во Лоар. Неколку дена претходно во Тулуз беа запалени четири комбиња со опрема од компанијата за инсталирање на фибер-оптика. Во Гар илјадници луѓе останаа без интернет откако каблите беа исечени со секири,“ пишува француски Репортер во репортажата за тамошната борба против 5Г опремата.

Репортер успева да стигне до бројка од 140 извршени напади против 5Г во периодот од јануари 2020 до декември 2021. Бројките се очекува дека се поголеми. Во мај 2021 тамошно МВР во внатрешен извештај пишува за 174 саботажи во период од една година. Само мобилниот оператор Оринџ тврди дека имале 130 напади, од кои 61 врз мобилната инфраструктура, во рок од две години.

Самите напади не се воопшто наивни, па на пример еден антенски столб ги чини 200.000 евра, ако е уништена некоја дополнителна опрема како трансформатор за струја или струјна опрема, и во зависност колку е уништена штетат може да достигне и неколку милиони евра. Во еден случај мај 2020 во Жира запалени се две антени и локацијата од тогаш не може да биде вратена во употреба.

За цело ова време операторите не се волни да откријат колкава е штетата што им е причинета од страв оваа пракса дополнително да не се популаризира, меѓутоа се шпекулира со просек на штета од 200.000 евра од напад. На 174 саботажи наведени во извештајот на МВР сумата излегува речиси 35 милиони евра.

Освен директната штета, саботажите лишуваат и илјадници, некогаш и милиони корисници, од најосновна конективност. Па напад од јануари 2021 на репетиторот во близина на Лимож, извршен од „комитетот за укинување на 5Г“ остави 1,5 милиони луѓе без радио и телевизија. Еден месец претходно, пожар во близина на Марсеј остави 3,5 милиони луѓе без телевизија.

Серија напади во департманот Дром го парализира целиот тамошен живот, па заедно со падот на мобилната мрежа целосно се блокираат и банкомати и терминали за наплата на кредитни картички кои функционираат преку истата мрежа.

Од 50.000 4Г и речиси 19.000 активни 5Г антени во Франција најголемиот дел се инсталирани на изолирани локации кои е тешко да се мониторираат, заради што се и лесни за напад.

„Не е реално денес да очекуваш дека ќе инсталираме 66.000 камери што ќе ги мониторираат сите антени.

Да биде јасно: некој што сака да влезе и да уништи изолирана локација ќе го направи тоа,“ објаснува Винсент Куливер, претседателот на Асоцијацијата на мобилни оператори на Франција, Офитем.            

Дел од гневот против 5Г инфраструктурата се објаснува и со тоа што владата притиска за инсталирање на оваа опрема и покрај јасното противење на дел од јавноста уште пред таа воопшто да биде прифатена. Правните обиди за спречување на поставувањето антени во форма на мораториум ни најмалку не го забавија ширењето на 5Г.

„Саботажите стануваат побројни кога поинституционалните форми на преговарање не успеваат,“ објаснува историчарот на наука, Франсоа Жариг.

14 февруари 2022 - 14:33