Изгубената деценија на Микрософт

Главната вина за тоа зошто некогаш неспорно најдоминантната компанија за технологија на светот, сега е зад петиците на неколку нови играчи може да се сведе на еден збор: бирократија.

Во како ретко која досегашна анализа, базирана на десетици интервјуа и документација на компанијата (меѓу која и мејлови меѓу највисоките менаџери) новинарот на Ванити Феир, Курт Aјхенвалд, дава преглед на животот во Микрософт за време на "владеењето" на Стив Балмер.

За почеток, тој потсетува дека денес, само Ајфонот, носи повеќе приходи отколку сите производи на Микрософт комбинирано. По него "зачудувачки глупите менаџерски одлуки" во компанијата "можат да послужат како школски пример за стапиците на успехот."

Разговорите што ги води Еишенвалд откриваат дека системот на менаџирање познат како "stack ranking" - програма која бара од секој сектор да промовира одреден процент од своите вработени како најдобри, просечни и слаби - ефективно ја има осакатено способноста на Микрософт за иновирање.

"Секој сегашен и поранешен вработен што го интервјуирав, ама секој - го наведе овој систем како најдеструктивниот процес во Микрософт, нешто што избркало неброени вработени на компанијата," пишва Aјхенвалд.

"Ако работиш со тим од 10 лица, уште првиот ден кога ќе влезеш, знаеш дека без разлика колку и да сте сите добри, 2-ца ќе добијат најдобра оцена, 7 ќе бидат просечни и 1 ќе добие лоша оцена," раскажал еден поранешен програмер на компанијата.

Самите вработени на Микрософт се чудат за серијата неуспеси на компанијата и како предноста што ја имале им била предадена на други, посебно на Епл.

"Кога ќе го видиш Виндоус телефонот, не можеш а да не се чудиш како Микрософт успеа да ја списка предноста што ја имаше со Виндоус ЦЕ уредите. Имаа одлична предност и беа неколку години понапред и се комплетно зафркнаа. И се комплетно уништија, само заради бирократијата," изјавил Ед Меккахил кој 16 години работел како менаџер за маркетинг на Микрософт.

Истото важи и зошто Микрософт дури сега извади таблет, две години по Епл.

Освен хиерархијата, свои "гревови" имаа и менаџментот на компанијата, како во 1998-ма кога Бил Гејтс го одбил предлогот за електронски читач, бидејќи истиот не бил доволно Виндоус, по што целата група која работела на предлогот била разделена.

Кога еден од помладите програмери кои работеле на МСН Месинџер, забележал дека се повеќе младите ја користат опцијата за ставање статуси на месинџерот на АОЛ, АИМ, тој веднаш сфатил што му недостасува на сопствениот производ.

"Тоа беше почетокот на трендот кон Фејсбук. Луѓето сакаа некаде да ги напишат своите мисли. Главната цел на АИМ не беше чатувањето, туку можноста да се логираш во секое време и да прочиташ што прават твоите пријатели," му изјавил програмерот на Aјхенвалд.

Истиот тој, сосема неуспешно се обидел да му го објасни ова на својот претпоставен.

"Тој не ме сфати. И заради тоа што не знаеше или не ми веруваше како младите ги користат програмите за чатување, тој ништо не направи," објаснил програмерот.

"Порано со прст покажуваа на ИБМ и му се смееја. Сега, тие станаа она што најмногу го потценуваа," изјавил поранешниот менаџер на Микрософт, Бил Хил.

3 јули 2012 - 17:18