Хуавеи има што да и понуди на Кина за следење луѓе

Официјалниот став на Хуавеи е дека ја снабдува кинеската држава само со мрежна опрема за општа употреба. Документите на компанијата што ги обработува Вашингтон пост, кажуваат сосема друго.

Се работи за над 100 презентации на Хуавеи, од кои најголемиот дел се обележани како „доверливи“, што покажува дека компанијата има далеку поголема улога во следењето на кинеската популација.

Презентациите првично е објавени на сајтот на Хуавеи па по некое време го снемува, објаснуваат дека компанијата може да помогне во:

- Идентификување на поединци според нивниот глас.

- Следењето политички поединци од интерес.

- Менаџирање на идеолошка ре-едукација

- Работни распореди на затвореници.

- Помагање на ланци на продавници да идентификуваат купувачи со препознавање на ликот.

Во првата ставка се претставува „Ајфлајтек платформата за менаџмент на гласовен отпечаток“, која ја развиваат Хуавеи и Ајфлајтек, кинеска компанија за вештачка интелигенција. Платформата може да идентификува поединци преку споредба на звукот на нивниот глас со голема база на снимени „гласовни отпечатоци“.

Првиот чекор е да се извади аудио од гласот на потенцијалната мета. Не е наведено како тоа точно се прави, само дека може да биде од снимен телефонски разговор, од апликации за смартфон или интернет видео. Потоа примерокот оди во база и се чека да се пресретне разговор со ист „гласовен отпечаток“ како бараниот.

Понудата за следење дисиденти или криминалци опфаќа електронски уреди (смартфони), следење со препознавање на лик преку камерите за надзор и други мерки. Системот што го предлагаат помага во идентификување на нови осомничени преку анализа на голем број податоци од камерите и друга опрема за надзор.

Еден од производите повеќе е наменет за големи корпорации за кои Хуавеи го мапира држењето на вработените и потоа испраќа аларми до вработените доколку утврди дека вработениот спие, игра на телефон или воопшто не е на работно место. Истата оваа технологија може да се користи и за купувачи во продавница и да ја анализира нивната демографија, пол, облека, професија, колку пати се вратиле во една продавница, каде најмногу се задржале и слично.

Контактирани од Пост, од Хуавеи изјавиле дека „не знаат за ниту еден проект споменат во извештајот на Вашингтон пост“, и дека тие само нудат „облак платформи кои се во согласност со вообичаените индустриски стандарди“.

Токму соработката со кинеската влада и нетранспарентноста се главните проблеми што западните влади ги имаат со 5Г опремата на Хуавеи и користењето на истата, како и „стравот дека компанијата може да му помага на Пекинг во собирање разузнавачки информации“.

Пост има прегледано над 3.000 слајдови од презентации кои ги нагласуваат проектите за надзор развиени од Хуавеи со партнери.

16 декември 2021 - 15:24