Знаете ли дека веќе не постои „црвен телефон“ за да се спречи Трета светска?

Застрашувачки звучи опасноста на која предупреди највисокиот американски генерал во Европа а се однесува на реалниот ризик без разлика на вистинските намери, несакајќи и случајно да изгориме во нова светска војна. Порано постоеа жешки линии, црвени телефони и суптилен вокабулар за читање и толкување на намерите на спротивната страна. Сега од тоа нема ништо. 

САД треба да ги оживеат линиите на комуникација со Москва кои им помогнаа на двете земји да избегнат нуклеарен конфликт за време на Студената војна, порача неделава највисокиот американски генерал во Европа.

„Тогаш можевме да ги читаме и толкуваме сигналите еден на друг. Знаевме како да испраќаме сигнали... речиси ништо од тоа сега нема“, изјави генерал Кристофер Каволи, врховен командант во НАТО и шеф на европската команда на САД.

Говорејќи по повод 75-годишнината на НАТО, Каволи кажа дека бројноста не е проблем (бројот на НАТО трупи кои му стојат на располагање за време на кризава се зголемил за 700), но се каска на стратешко ниво кога станува збор за осигурување дека нуклеарните сили нема погрешно да ги читаат меѓусебните намери.

Каволи обелодени дека во неговиот штаб на НАТО се прават обиди да се ажурираат некои од старите практики но, постојат компликации. На пример, не е доволно да се воспостави жешка линија само меѓу Вашингтон и Москва бидејќи сега во равенката е и Кина.

За време на Студената војна, Каволи рече дека постоел „многу суптилен и взаемно разбран речник“ меѓу Запад и Советскиот Сојуз.

„Знаевме како да комуницираме вербално и невербално за нашите намери на начин што на другата страна ѝ даваше чувство на предвидливост и разбирање на потезите“, рече тој.

Уште еден механизам кој се користеше за нуклеарно одвраќање и управување со ризикот во минатото беа различните нуклеарни договори, спогодби и инспекции на терен кои помагале да се држат комуникациските линии отворени.

Сега од тоа нема ништо. Додуша, американскиот генерал заборави да спомне дека неговата земја прва се повлече од таквите договори.

11 април 2024 - 12:57