Подводната војна која засега милијарда луѓе

Команданти на НАТО се загрижени дека начинот на живот и безбедноста на околу една милијарда луѓе кои живеат во земји членки на Алијансата во Европа и Северна Америка се загрозени поради ранливоста на подводната инфраструктура која била градена од приватен сектор а сега може да стане значајна мета на руската хибридна војна. Ами, кога го дигаа Северен тек во воздух, што мислеа?

Безбедноста на речиси една милијарда луѓе од Европа и Северна Америка е под закана од руските обиди да ги таргетира ранливите точки на подводната инфраструктура, вклучувајќи ветерници, цевководи, енергетски и интернет кабли, предупреди командант на НАТО.

Адмиралот Дидие Малетер, заменик командант на поморската команда на НАТО (Марком), рече дека мрежата на подводни кабли и цевки од кои зависат моќта и комуникациите на Европа не се правени да ја издржат „хибридната војна“ што ја спроведуваат Москва и другите противници на НАТО.

„Знаеме дека Русите развиваат многу хибридни воени тактики за да ја нарушат европската економија. Целата наша економија што се наоѓа под вода е под закана“, рече тој.

Во последните 18 месеци се случија два големи поморски инцидента. Првиот со дигањето во воздух на Нордстрим 1 и 2, најголемиот акт на индустриски тероризам во историјата при што се испуштија рекордни 500.000 тони метан во атмосферата. Иако беше јасно кој стои зад тоа (види „Северен тек во воздух го дигнаа Американците“ но и „Како медиумите ја саботираа саботажата на Северен тек“) од истрагите на неколку држави сè уште нема ништо (арно кажа Мик Волас: „Кога Русите не се криви, не е интересно“).

Ама затоа, за вториот инцидент со цевката и комуникацискиот кабел Балтиконектор што ги поврзува Финска и Естонија, на Запад (и медиумите) веднаш им е јасно дека криви се Кинезите, односно нивен брод кој намерно го оштетил со сидрото.

Сега за НАТО проблем е што голем дел од сегашната подводна инфраструктура била развивана од приватниот сектор кој не водел сметка за евентуални воени предизвици.

„Тие компании не знаеја дека хибридната војна ќе се развие толку брзо. Повеќе од 90% од интернетот е под морето. Сите наши врски меѓу САД, Канада и Европа се пренесуваат под морето, така што има многу ранливости“, признава Малетер.

16 април 2024 - 14:39