Огромната американска операција да се заштити Лула

Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен во август 2021 има прием кај бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Од состанокот излегува загрижен од муабетите на Болсонаро околу регуларност на избори и изборни измами. Од тогаш почнува заедничка акција на американската војска, ЦИА, Стејт департментот, Пентагон и Белата куќа, за заштита на резултатите од изборите во Бразил, која трае повеќе од една година.

Како што објаснува Фајненшл тајмс, САД не ги интересирал исходот од изборите, туку само да се осигураат дека каков и да биде резултатот, тогаш актуелниот бразилски претседател, Болсонаро, ќе го почитува и нема да го прогласи за неважечки.

Причината зошто американската администрација го има пикирано Болсонаро, меѓудругото, се негови претходни изјави околу поразот на Трамп од Бајден, и инсистирањето во Бразил да се врати гласачкото ливче наместо гласањето преку гласачки машини. На Болсонаро не му беше од помош ни тоа што на говорот со кој ја почна кампањата порача „армијата е на наша страна.“

Неколку денови пред почетокот на кампањата, Болсонаро на состанок со 70 странски амбасадори во Бразил одржа презентација во која изразил сомневање во бразилскиот електронски систем за гласање. Ова доволно ја алармираше американската влада за следниот ден да објави сосема невообичаено соопштение во кое застанува зад бразилскиот систем за електронско гласање.

Освен за решавање на недоумицата околу машините за гласање, соопштението од Стејт департментот е важна порака и за бразилската армија, која голем дел од своето оружје го добива токму од САД.

Тогашниот судија на бразилскиот Врховен суд, Луис Роберто Баросо, признава дека тој е еден од луѓето кои ја побарале изјавата од САД, бидејќи сметал дека во моментот било важно да се нагласи „кредибилноста на гласачкиот систем и важноста на нашата демократија.“

Една недела подоцна во Бразил пристигнува американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, кој во приватен разговор со бразилскиот врв им ги објаснува последиците од каква било неуставна постапка по изборите „како на пример воен пуч.“

По ова следува посета од генералот Лора Ричардсон, одговорна за американската Јужна команда која ја покрива и Латинска Америка, која ја повторува пораката на Остин, а подоцна во земјата доаѓа и првиот човек на ЦИА, Вилијам Брнс, кој и порачува на владата на Болсонаро да не им припарува на изборните резултати.

„Министерот за одбрана, првиот човек на ЦИА и советникот за национална безбедност сите беа во посета во изборна година. Дали е тоа вообичаено? Не, не е,“ објаснува поранешниот висок функционер во Стејт департментот и поранешен амбасадор во Бразил, Мајкл Мекинли.

Во исто време високи американски воени функционери имаат состаноци со први луѓе на најразлични бразилски институции на кои ги убедуваат дека машините не се наместени против никого, порачувајќи им дека што и да прават по објавата на резултатите тоа треба да биде во рамките на Уставот.

Американците заклучуваат и дека ќе биде неопходно Болсонаро нивната порака да ја слушне и од свои блиски луѓе, па тие идентификуваат клучни офицери и политички сојузници кои не се пресреќни со ставот на претседателот околу гласачкиот систем, па го советуваат дека треба да ги почитува резултатите од изборите.

Кога после вториот круг на изборите Лула извојува „мала но сепак неспорна победа“ неколку клучни сојузници на Болсонаро, вклучително и дел од овие што му пренесуваа пораки, гледаа што е можно побрзо да ја признаат изборната победа на Лула.

По неколку месеци тензии дали ќе му ја предаде власта на Лула, Болсонаро решава на две дена пред јануарската инаугурација на новиот бразилски претседател да замине за Флорида.

На 8 јануари илјадници симпатизери на Болсонаро во Бразилија учествуваат во упад во бразилскиот Конгрес, врховниот суд и претседателската палата, барајќи интервенција на војската. Кога војската излегува да интервенира таа ги апси токму демонстрантите кои ја повикуваа да излезе.

На дента на упадот Бајден е во Мексико на средба со лидерите на Мексико и Канада. Тој тогаш им предлага на другите двајца лидери да издадат тристрана изјава во која го поддржуваат Лула и Бразил, што е прва таква изјава во историјата на Северна Америка.

22 јуни 2023 - 12:51