Италија би со шлепери метални парички да ја плаќа казната од ЕУ

Како што ЕУ се подготвува да ја казни Италија со 3,4 милијарди евра (0,1% од БДП-то на земјата), така Италија почнува да ѕврцка со метални парички.

Алберто Бањаи е првиот човек на комисијата за финансии на италијанскиот Сенат, и неговиот став во врска со судирот со ЕУ е:

„Ќе им дадеме 0,1% од нашето БДП во метални парички од 10 центи!“

Бањаи во јуни годинава прв пат станува италијански сенатор, и тој е еден од луѓето зад новиот италијански буџет, кој Европската комисија под закана од казна инсистира дека мора да се промени и минатата недела стави вето на него.

Во буџетот новите италијански власти предлагаат симнување на границата за пензионирање, основен приход од 780 евра месечно за секој жител на земјата и два пати повисок минимален приход за најдолната граница за оданочување.

За да може ова да го покрие Италија ќе треба да го зголеми својот буџетски дефицит на 2,4% од БДП-то. Ова само по себе е во рамките на границата на ЕУ од 3-процентен буџетски дефицит, ама е во спротивност со ветувањето конкретно на италијанската влада дека нема воопшто да го зголемува сопствениот буџетски дефицит кој моментално изнесува 131,8% од БДП-то, што е втор по големина само зад Грција.

Ставот на Бањаи е дека штедењето наметнато од Брисел повеќе и штети на италијанската економија отколку планината долг што го има земјата.

Моментално, италијанските банки се задолжени во износ од над 370 милијарди евра.

Токму буџетот е клучен дел од стратегијата на италијансктие популисти за собирање истомисленици за изборите за европскиот парламент во мај следната година кои би требало да им донесат доволно гласови „за да предизвикаат промена на правецот во кој се движат Европскиот парламент и комисијата“.

Ставот на Матео Салвини, првиот човек на Лигата и вице-премиер, е дека „евроскептиците со освојување големо мнозинство во парламентот можат одново да ги напишат финансиските правила на ЕУ“. Салвини во повеќе наврати посочи дека себе си се смета за потенцијален наследник на Јункер.

29 октомври 2018 - 13:36