Борис ќе прави камбек како премиер?

Пратеници од британските конзервативци веруваат дека единствен начин да се спречи тотален пораз на изборите е инстантно да се шутне Риши Сунак од премиерската позиција и на негово место да се врати Борис Џонсон.

Паниката кај ториевците е заради тоа што анкетите покажале дека голем број нивни гласачи почнале да се вртат кон Реформската партија, наследникот на Брегзит партијата на Најџел Фараж, чија популарност неочекувано скокна по успешното учество на Фараж во реалното шоу „I'm A Celebrity“.

Планот е да се гласа против неколку закони на Сунак, (меѓу кои и предлогот за депортирање на мигрантите назад во Африка) и притисокот од неуспехот да доведе до негова замена со Џонсон, кој се доживува како единствен конзервативец способен да го „неутрализира“ влијанието на Фараж.

Од кабинетот на Сунак инсистираат дека тој ќе разговара со своите сопартијци и дека ќе ги предводи ториевците на следните избори.

И покрај тоа што Џонсон моментално не е член на парламентот, постои можност пратеник од Конзервативната партија да се откаже од „сигурно“ столче и на негово место да дојде поранешниот премиер. Ваквиот потег не би можел да биде блокиран од раководството на партијата.

„Да беше Џонсон се уште во Долниот дом на Парламентот, тој веќе ќе беше вратен. Ќе имаше крунисување. Само погледни ги анкетите. Борис е најдобриот за кампањи што го имаме, и тоа неспоредливо. Ако сакате да соберете гласови на следните избори, Борис е вашиот човек,“ пренесува Дејли меил изјава на еден поранешен британски министер.

Меѓу луѓето што работат на враќање на Џонсон се и пратеници кои гласаа за негова оставка во септември минатата година.

11 декември 2023 - 11:23