Англија двојно си ја брои хуманитарноста

Владата на Обединетото Кралство се обвинува дека двојно броела 500 милиони фунти. Во обид да ги исполни своите климатски обврски од Парискиот договор, парите од британските даночни обврзници кои заминале за хуманитарни активности во Авганистан, Јемен и Сомалија, владата ги класифицирала како „климатски финансии“.

Добар дел од таа помош, ни со најдобра намера не може да е поврзе со глобалните климатски предизвици бидејќи вклучува главно обезбедување храна и основни потреби.

Спротивно на новата пракса, претходните климатски проекти финансирани во рамки на 11,6 милијарди фунти вклучувале обновливи извори на енергија, транспорт со ниско загадување и зачувување на шумите во чувствителните области ширум светот.

Со едноставна бирократска промена на дефинициите, властите решиле да прикажат дека со исти пари истовремено финансираат и развој и се борат за климата. Со тоа, климатските прашања формално добиваат дополнителни 1,7 милијарди фунти, иако нови пари за таа намена нема.

Накратко, британската хуманитарна помош за земјите опишани како климатски ранливи, ќе биде прекласифицирана во графата климатски финансии.

Триесет проценти од трошењето за основните хуманитарни потреби во Јемен, Авганистан, Сомалија, Демократска Република Конго, Уганда, Зимбабве и Судан сега автоматски ќе се сметаат како финансиски средства за климата, иако тоа нема врска со темата.

„Само затоа што хуманитарната помош оди во земја што е ранлива на климатските промени, не значи дека таа помош помага во ранливоста“, потсетува Јуан Ричи, висок советник за политика во тинк-тенк за развојни иницијативи.

16 април 2024 - 12:11