Америка заборави да прави бродови за Арктикот

Откако Русите последнава деценија значително се разработија на Северниот пол, САД изгласаа програма од 13,3 милијарди долари за заштита на американските интереси на Арктикот. Парите ги има, ама програмата заглави на тоа што не знаат како да ги направат бродовите.

Главниот предизвик за Американците кои сакаат да произведат нови кршачи на лед е како да се исече и оформи дебел и кален челик. Моментално тие располагаат само со еден кршач на лед распореден во Арктикот, кој секоја зима мора да оди на сервис.

Планот за испорака на првиот нов ледокршач во 2024 беше одложен на 2028. Последен пат американската крајбрежна стража воведува нов ледокршач во служба во 1976.

„Дизајнерите, инженерите и заварувачите се справуваат со нешто што САД со децении го нема направено: квалитетно да се оформи кален челик кој е дебел повеќе од 2,5 сантиметри во заоблен и засилен труп на брод,“ пишува Вол стрит журнал.

Проблемот со наоѓање луѓе со знаење е надополнет и со општиот недостаток на секаков кадар во индустријата.

Заради се поголемата привлечност на Арктикот предизвикана од глобалното затоплување, периодов Русите успеаа преку Северната рута да испорачаат гас до Кина за десет дена побрзо од вообичаено, стратешката намера на Крајбрежната стража е да се воведе нова класа на вооружени кршачи на лед, кои ќе послужат како за проблеми предизвикани од природни катастрофи, така и за директни судири.

Крајбрежната стража моментално има среден ледокршач кој е фокусиран на наука и обично мора да мине годишни сервиси во Калифорнија или Вашингтон. Вториот е тежок ледокршач, кој според Вол стрит журнал е при крај на животниот век.

„За споредба, Русија има над 30 ледокршачи спремни за Арктикот, според Крајбрежната стража, а Кина има четири, од кои два кои редовно се појавуваат на високи латитуди. Американските функционери се сомневаат дека тие имаат стратешка употреба. Пекинг тврди дека нивните арктички амбиции се чисто научни,“ пишува Вол стрит журнал.

Опишувајќи го проблемот со изградбата на ледокршачи, Вол стрит журнал објаснува дека трупот на најголемиот број океански бродови произведени во САД не е ни приближно силен како оној што е неопходен за специјализираните ледокршачи. Разликата е од легурата и нејзиното калење, до процесот на оформување на облините и самото заварување.

„Челик со поголема издржливост бара многу вешти луѓе. Начинот на обработка не е ист како и кај кое било друго парче на челик. Тоа минува низ тешка обработка, бидејќи тоа е челик направен токму за тоа,“ објаснуваат од ССАБ Америкас, снабдувачот на челик за програмата на ледокршачи.

22 септември 2023 - 11:11