Тенеси забрани кемтреилс

Сенатот на Тенеси усвои нацрт-закон со кој се забранува „намерно вбризгување, ослободување или дисперзија на хемикалии, хемиски соединенија или супстанци во атмосферата со цел да се влијае на температурата, климата или интензитетот на сончевата светлина...“ Накратко, во Тенеси се забрануваат кемтреилс.

Дали нацрт-законот ќе стапи на сила ќе зависи од тоа дали ќе помине и во вториот Дом на парламентот на оваа сојузна американска држава.

Според текстот на законот, постои „документација“ дека федералната влада или ентитети кои работат во нејзино име можеби спроведуваат геоинженерски експерименти со намерно расфрлање хемикалии во атмосферата, и дека дел од тие активности можеби се случуваат во Тенеси. Изворот на „документација“ не се наведува.

Спротивно на тоа, истражувачка група на Харвард објави извештај со прилично јасен наслов: „Нема докази за постоење на хемиски траги“ во кој се вели:

„Доколку навистина постои масивна програма за расфрлање материјал од авион, за тоа би била потребна огромна оперативна програма за производство, товарење и растурање на материјалите. Ако таква програма постоела во размер кој се претпоставува, за тоа би биле потребни илјадници или можеби десетици илјади луѓе. Би било извонредно тешко да се чува таква програма во тајност бидејќи би било лесно за еден поединец во програмата да ја разоткрие користејќи протечени документи, фотографии или хардвер“.

 

22 март 2024 - 10:20