Силно светнал Чернобил

Украинската влада планира да го воскресне Чернобил, ама со сосема спротивен имиџ од тоа што до сега го тераше, како огромна фарма за сончева енергија.

Замислата е дел од радиоактивната пустелија околу Чернобил, простор од околу 60 километри квадратни (општина Карпош е 35 км), да биде "поплочен" со сончеви колектори. Процените се дека фармата би генерирала 1.400 мегавати енергија, што е околу една третина од она што го произведуваше нуклеарната електрана Чернобил пред катастрофата.

Изборот паѓа на Чернобил затоа што земјиштето во пространство од 1.000 километри квадратни околу нуклеарната централа е забранета зона, заради што е прилично евтино. Дополнителна предност е што областа има значителна изложеност на сонце, а во исто време таму постои целата инфраструктура, пред се за пренос на енергија, што се користела и за Чернобил.

Еден од недостатоците на проектот е што се уште не е јасно како ќе се инсталира и одржува целата фарма на локација која се уште се смета за ненаселива.

Проектот, кој уште чека пари, ќе биде најголемата соларна фарма на планетата. За сега планот има поддршка од Европската банка за обнова и развој.

1 август 2016 - 11:20