Како да ги изладиме градовите без користење клима

Додека сериозно помагаат во разладувањето на нашите домови, климите сериозно одмагаат со зголемување на вкупната горештина во градовите.

Комбинацијата на асфалт, плочници и згради кои апсорбираат и ја задржуваат топлината, дополнета со недостаток на дрва и засадени простори, плус сообраќај и топлината која излегува од системите за климатизација, ги прави урбаните средини неспоредливо потопли отколку нивната околина.

Сите овие фактори само дополнително го зголемуваат трошењето на енергија, кое во летниот период расте за 10% заради потребата да се оладат зградите и луѓето во нив.

Решенијата за ограничување на ваквите услови, се сведуваат на две категории: промени што денес може да ги направиме во изградената околина и промени во тоа како градиме во иднина.

Едно од решенијата се дрва. Според извештајот на EPA (Environmental Protection Agency) дрвата и вегетацијата ја намалуваат температурата во урбаните средини на два начина: преку директна сенка (во лето соларното зрачење е помало за 10 до 30 проценти во областите кои се под дрво, а со тоа ги намалуваат температурите за околу 10 степени Целзиусови), и второ преку евапотранспирација (губење на водата низ испарување и преку животните процеси на билките).

За постигнување на ефектите важно е и поставувањето на дрвјата и вегетацијата. Садењето дрва на објекти чиј влез е на запад или на исток, ги лади зградите и ја намалува потрошувачката на енергија. Садењето на згради свртени на јужната страна мора да биде балансирано за да не ја спречи комплетно способноста на зградите да го искористат сонцето во поладните месеци. За сличен ефект можат да се искористат и лозите. Пресметките на EPA покажале дека садењето дрва на зградите свртени на запад или југозапад, ја намалува енергијата потребна за ладење од 7 до 47%.

И зелените кровови можат да помогнат во симнување на температурите на зградите, иако во последно време се појавија некои сомнежи околу ова.

Далеку поевтино, ама не така зелено решение се ладните кровови кои можат да ја симнат температурата на зградата за 15 степени. (Станува збор за панели кои имаат висока рефлексија на сончевите зраци, а со тоа и не топлината од нив.)

Делот со решенијата кои се базираат на "попаметно" градење, бараат изучување на тоа како биле градени градовите во периодот кога немало климатизери или струја.

Една варијанта се индиските скалести бунари, кои се појавуваат пред 1.000 години, што создаваат микроклима која може да биде и до десетина степени поладна отколку во околината. Истражување на Аризона Стејт Универзитетот ја анализира техниката за градење во Јатз, Иран, каде куќите се создадени на начин кој го максимизира ладењето, со тоа што "соработуваат"со локалните услови наместо да се борат против нив.

5 јуни 2013 - 16:18