Европа не дозволува промена на извод од матично

Европскиот суд за човекови права отфрли тужба против Франција, поднесена од нејзин граѓанин кој барал промена во изводот од матичната книга на родени. Пензионер е, има 72 години, и решил дека е крајно време во крштеницата да не му пишува дека е машко.

Французинот при раѓање е заведен како машко, а медицинските потврди велат дека е роден како интерполово лице и дека тоа не е променето уште од раѓање.

Интерполовите лица претставуваат исклучок од стандардното полово нормирање на машки и женски и се раѓаат со неодредени гениталии како и мешани биолошки и физички карактеристики од двата пола (да не се мешаат со трансџендери).

Суд во Франција иницијално ја одобрил промената на статусот, но повисоки судски инстанци ја оспориле, а сега зад тоа застана и Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

Нотирал дека „неусогласеноста помеѓу биолошкиот и правниот идентитет може да биде извор на страдање и вознемиреност кај едно лице“, но процениле дека неговиот полов статус заведен во државните книги не му наштетил на неговиот приватен или семеен живот. 

Кога би се вовел „неутрален“ или „интерполов“ статус, тој потег би морал да помине низ француските процедури и Парламентот. Ако европските судии ја одобреа промената, со тоа ќе навлезеа во ингеренциите на француските законодавци и суверенитетот на државите кои ја сочинуваат Унијата. 

1 февруари 2023 - 10:55