Ако мисли дека Џорџ Вашингтон е црнкиња, зошто ѝ даваме да одбира мети за бомбардирање?

Преглупиот генератор на слики на Гугл, Џеминаи, последниве две недели го доби сиот заслужен негативен публицитет и потсмев. Но, во меѓувреме, едно многу поважно и попогубно соопштение кое се однесува на вештачката интелигенција, за чудо, помина сосема незабележано. „ВИ, кажи каде да бомбардираме?“ е прашањето кое се поставува цо центрите на американската војска.

Еден скорешен наслов на приказна на Блумберг вика вака:

„САД користат вештачка интелигенција да им помогне да најдат мети за воздушни удари на Блискиот исток“.

„Ова е прво официјално признавање на САД дека користи ВИ против човечки цели, па сепак, јавноста се разгневи од моронскиот генератор на слики кој штанца црни Папи и кинески основачи на Америка“, пишува Мат Таиби.

Вештачката интелигенција била користена за идентификување цели за бомбардирање во Ирак и Сирија, како одмазда за нападот во Јордан во кој загинаа тројца американски  војници. Според Шајлер Мур, првиот човек за технологија во американската централна команда, минатогодишниот напад на Хамас го забрзал Пентагон да го стави во функција Проектот Мавен, во кој, со помош на податоци од сателитски снимки, дронови и други извори, ВИ помага да се идентификуваат мети за напад.

Идејата дека САД биле толку емотивно погодени на 7 октомври што морале да го активираат Проектот Мавен, но најдобар случај звучи бизарно. Пентагон со години се фали за распоредување вештачка интелигенција, од испраќање дронови Свичблејд во Украина кои се „способни да идентификуваат цели користејќи алгоритми“, до иницијативата „Репликатор“ за мавање на „1000 цели за 24 часа“, до муабети за распоредување на „огромна ВИ флота“ за да се спротивстави на наводната кинеска способност за вештачка интелигенција. Како и да е, ретко е некој како Мур да излезе и да признае дека неодамнешните мети на воздушните напади биле избрани со помош на алгоритми кои „се учат да идентификуваат“ објекти.

Проектот Мавен првпат влезе во наслови во 2018 година кога во редок напад на совеста (времето ќе покаже дека бил привремен), буџите во Гугл соопштија дека нема да го обноват нивниот прв голем договор  со Пентагон. 4.000 вработени потпишаа писмо дека градење технологија која ќе ѝ помага на американската влада да врши воено набљудување не е прифатливо. Попат, вработените го потсетија извршниот Сундар Пичаи дека мотото на Гугл е „Don’t Be Evil“.

„Гадливоста“ кон Пентагон не траеше долго. Гугл набргу доби договор од милијарди долари за клауд сервиси за ЦИА. Шест години после писмото за „неприфатливоста“ на технологии за воено шпионирање и таргетирање, првиот човек на Алфабет и некогашен ЦЕО на Гугл, Ерик Шмит, се пофали со Проектот Нимбус со кој им се помага на војски каква што е израелската ИДФ да развиваат свои ВИ програми.

Не бидете наивни, треба  да ви е јасно дека сликите на Џорџ Вашингтон како црна жена и сликите на некое село на Блискиот исток разнесено по грешка, произлегуваат од истиот политички инситнкт на елитата, порачува Таиби.

1 март 2024 - 10:43