Не излегува математиката за Украина

Претседателот Бајден сака светот да верува дека најголемата препрека со која се соочува Украина се републиканците и нашиот недостаток на посветеност кон глобалната заедница. Ова е погрешно, пишува републиканскиот сенатор Ј. Д. Ванс.

Републиканците не се предизвикот за Украина, предизвикот е математиката. На Украина и се потребни повеќе војници што ќе може да ги извади на фронт, дури и со драконски политики за регрутирање. Оваа реалност мора да биде вклучена во секоја една украинска политика, од идна помош од Конгресот до дипломатскиот правец кој ќе го постави претседателот.

Администрацијата на Бајден врши се поголем притисок врз републиканците за да го изгласаат дополнителниот пакет за помош од над 60 милијарди долари за Украина. Јас гласав против овој пакет во Сенатот и останувам против секој предлог за САД да продолжи да ја финансира оваа војна. Бајден не успеа да ги артикулира дури ни основните факти за тоа што и е потребно на Украина и како оваа помош ќе ја смени реалноста на теренот.

Најосновното прашање е: Колку и е потребно на Украина и колку ние вистински можеме да обезбедиме? Бајден тврди дека надополна од 60 милијарди е разликата меѓу победа и пораз во голема војна меѓу Русија и Украина. Ова исто така е погрешно. 60 милијарди се само делче од она што ќе биде потребно за бранот да се сврти во корист на Украина. Меѓутоа ова не е само прашање за долари. Во основа, ние немаме капацитет за да ја произведеме количината на оружје што треба да и ја испорачаме на Украина за да ја добие војната.

Земете го предвид нашиот капацитет да произведеме 155-милиметарски гранати. Минатата година, украинскиот министер за одбрана процени дека основните потреби на земјата за овие гранати се над 4 милиони годишно, меѓутоа дека тоа може да порасне на 7 милиони ако толку многу станат достапни. Од почетокот на конфликтот, САД дадоа се од себе за да го зголемат производството на 155-милиметарски гранати. Ние отприлика го дуплиравме нашиот капацитет и сега можеме да произведеме 360.000 гранати годишно, помалку од една десетина од она што и е потребно на Украина. Целта на администрацијата е оваа бројка да порасне на 1,2 милиони - 30% од потребите на Украина - до крајот на 2025. Ова скапо ќе ги чини американските даночни обврзници додека во исто време ќе донесе непријатно познат резултат: неуспех во странство.

Неделава висок американски воен командант во Европа тврдеше дека без понатамошна безбедноста помош, Русија наскоро ќе има 10 спрема 1 артилериска предноста над Украина. Тоа што не стигна до насловите е дека Русија моментално има предност од 5 спрема 1, дури и покрај сите пари што се истурени во конфликтот. Ниту еден од овие соодноси не води издржано до украинска победа.

Поддржувачите на американска помош за Украина тврдат дека нашиот пристап е од корист за нашата економија, дека креира работни места во нашите фабрики кои произведуваат оружје. Меѓутоа нашите национални безбедносни интереси можат да бидат - и често се - одделни од нашите економски интереси. Помислата дека треба да пролонгираме крвава и страшна војна само затоа што е корисна за американскиот бизнис е гротескна. Ние можеме и треба одново да ја изградиме нашата индустриска база без да ги испорачуваме нејзините производи во странски конфликти.

Приказната е иста и кај другите типови муниција. Пример Патриот системите - нашето главно ПВО оружје. Тоа е од толкава важноста за оваа војна што украинскиот министер за надворешни работи директно го побара. Тоа е затоа што само во март, Русија во Украина наводно употреби 3.000 авионски бомби, 600 дронови и 400 проектили. За да се одбијат овие напади, украинскиот претседател и други изјавија дека годишно им се потребни илјадници Патриот пресретнувачи. Проблемот е следниот: САД произведуваат само 550 годишно. Ако го изгласаме дополнителни пакет за помош кој сега се разгледува во Конгресот, тоа потенцијално ќе го зголеми производството на 650, меѓутоа тоа е помалку од третина од она што Украина го побара.

Овие оружја не и се потребни само на Украина. Ако Кина тргне на Тајван, Патриот проектилите ќе бидат клучни за неговата одбрана. Всушност САД ветија дека ќе му испратат на Тајван Патриот ракети во вредност од речиси 900 милиони долари, меѓутоа испораката на тие оружја и другите есенцијални ресурси е доста одложена, делумно заради недостатокот предизвикан од војната во Украина.

Ако ова звучи лошо, треба да знаете дека ситуацијата со бројност на украинската војска е уште полоша. Ова се основните податоци: Русија има речиси четири пати побројно население од Украина. На Украина и требаат над половина милион нови регрути, меѓутоа стотици илјади мажи на возраст за служење веќе ја напуштија државата. Просечниот украински војник е речиси 43 години а голем број војници веќе служеа две години на фронтот, со малку, ако воопшто и има, можности за запирање на борбите. По две години конфликт некои села во Украина се без ниту еден останат маж. Украинската војска започна со присилување на мажи да служат во војска, а жените почнаа протести во кои бараат враќање на нивните сопрузи и татковци по долги години служење на фронтот. Њујорк тајмс објави и за случај во кој украинската војска се обиде да регрутира маж кој има дијагностициран ментален хендикеп.

Многумина во Вашингтон сметаат дека стотиците илјади млади Украинци влегоа во војната со песна во срцето и со задоволство секое спротивно мислење го етикетираат како руска пропаганда. Меѓутоа големи медиумите на двете страни на Украина објавуваат дека ситуацијата на теренот во Украина е ужасна.

Оваа базична математичка реалност беше точна, но можеше да биде спорена, и на почетокот од војната. Таа беше очигледна и неспорна пред една година, кога американските лидери работеа директно со Зеленски за преземање на катастрофалната контраофанзива. Лошата вест е дека прифаќањето на бруталната реалност ќе беше од најголема корист минатата пролет, пред Украинците да ја започнат таа екстремно скапа и неуспешна воена кампања. Вклопувањето во старомодни ровови, бетон и мини и овозможија на Русија да ја преброди украинската контраофанзива во 2023. Нашите сојузници во Европа можеа и подобро да ја поддржат таквата стратегија. Иако одредени европски држави обезбедија значителни ресурси, главниот товар на воената поддршка до сега најмногу падна на Соединетите држави.

Со тоа што ќе се посвети на одбранбена стратегија, Украина може да ја зачува својата скапоцена човечка сила, да го спречи крварењето и да даде време за почнување на преговорите. Меѓутоа за ова ќе треба и американското и украинското раководство да прифатат дека јавно објавената цел на Зеленски - враќање на границите од 1991 - е фантастика.

Белата куќа повеќе пати повторува дека таа не може да преговара со рускиот претседател Владимир Путин. Ова е апсурдно. Администрацијата на Бајден нема издржан план за тоа како Украинците да ја добијат војнава. Колку повеќе Американците се соочат со оваа вистина, толку побрзо можеме да го средиме хаосов и да се избориме за мир.

Ј. Д. Ванс,
Њујорк тајмс

15 април 2024 - 13:09