Америка и Европа се разделуваат поради Украина

За година и нешто од сега, после американските претстедателски избори, Вашингтон ќе има или администрација која ќе има проблеми да ја продолжи помошта за Украина, или администрација која ќе ја прекине таа помош. Ако САД дигнат раце од Украина, товарот ќе треба да го преземе Европа. А таа ниту е подготвена, ниту се подготвува за таква опција.  

Европа и САД се на работ на најзначајното свесно раздвојување во меѓународните односи во последните децении. НАТО победи во Студената војна, се прошири низ Европа, тоа е најуспешната безбедносна групација во модерната глобална историја. И може да се распадне до 2025 година, пишува во Атлантик.

Причината за овој колапс би била длабоката разлика во погледите помеѓу популистичкото крило на Републиканската партија - предводено од Доналд Трамп, но сега јасно го сочинува мнозинството од Републиканската партија - и егзистенцијалните безбедносни грижи на поголемиот дел од Европа. Непосредниот катализатор за колапсот ќе биде војната во Украина.

Изминатите неколку недели открија дека перспективата на Трамп не е само краток џингл во републиканската политика; сомнежот околу оправданоста на американската вмешаност во Украина сега има консензус во популистичкото срце на партијата. За време на претседателската дебата на Републиканската партија, Рон ДеСантис и Вивек Рамасвами - двајцата кандидати кои најмногу ѝ се обраќаат на базата на Трамп, се изјаснија против уште поголема помош за Украина.

ДеСантис го направи тоа меко, велејќи дека повеќе е загрижен за безбедноста на границата со Мексико, а Рамасвами отворено побара целосен и итен прекин на американската поддршка за Украина. Отиде и чекор понатаму, во основа велејќи дека Украина треба да се пресече а Путин би можел да задржи дел од земјата. Трамп, ДеСантис и Рамасвами анимираат околу три четвртини од републиканскиот електорат.

Друг предводник на промените кон Украина е фондацијата Херитиџ, влијателен конзервативен тинк-тенк кој има огромна улога во политичките кругови на Републиканската партија уште од времето на Реган. На почетокот тие го предводеа воинственото крило на партијата,  денес повикуваат за запирање на помошта додека Бајден не понуди план за ставање крај на војната.

Дури и ако Џо Бајден победи на реизборот, републиканската контрола на Домот, Сенатот или на обете институции значително би ја ослабнала американската поддршка за Украина. А ако претседателското место го добие Трамп или некој сличен, Европа би можела да се соочи со прекин на секаква помош за Украина.

„Ова би направило самата Америка да стане пречка за долгорочна слободна и стабилна Европа. Тоа би ја поделило атлантската алијанса, а европските држави не се подготвени за таа опција“, пишува Филип Пејсон О'Брајан во Атлантик.

Европа би можела да се најде и во внатрешна дипломатски раскол. Земјите од истокот (како Полска и Романија) и северот (балтичките и скандинавските нации) сакаат да ја видат Русија поразена. Но, земјите од запад и југ (кои се чувствуваат помалку загрозени од Русија) би можеле да бидат склони да ја следат новата американска администрација која се повлекува од Украина и се обидува да склучи договор со Русија. Во најлош слуај тоа може трајно да ја скрши европската соработка.

Ако за година ипол, САД едноставно дигнат раце од Украина, Европа нема шанси да ја надомести загубата во помошта. Може само да проба да ја ублажи дупката но и за таа опција, подготовките треба да почнат уште денес. А не почнуваат.

 

3 септември 2023 - 11:06