На Маск му стасува ратата за кредитот за Твитер

За еден посериозен дел од цената на Твитер, Маск, иако на хартија ги има парите, зема кредит од банка во износ од 13 милијарди долари и некаде кон крајот на јануари ќе треба да ја плати првата рата од кредитот, што на овие пари изнесува 1,5 милијарди долари.

Кредитот Маск го зема од група на банки (Морган Стенли, Банк оф Америка, Барклејс и Мицубиши) и го префрли на име на Твитер за тој лично да не одговара за него.

Од кога ја купи компанијата, во октомври, како тазе газда, тој се зафати со штедење, па прво отпушти повеќе од половина од компанијата и воведе наплата за сите профили со сино знакче. Од октомври тој неколку пати спомна дека нема да биде никакво чудо и ако Твитер банкротира.

„Компанијава е како да си во авион што паѓа во голема брзина, моторите се во пожар а контролите не работат,“ изјави Маск во декември минатата година.

Доколку Твитер не ја плати првата рата од 1,5 милијарда, менаџментот на компанијата најверојатно ќе треба да прогласи банкрот, по што американските судови започнуваат скапа и бирократска постапка за преструктуирање на долгот на компанијата.

Маск би можел ова да го спречи со плаќање на ратата од и онака тенките резерви со кеш на Твитер или пак да продаде дел од компанијата, што и во двата случаи е нема да биде лесно за Твитер.

Процената на банкарите е дека е малку веројатно Маск да се реши за банкрот затоа што така би ризикувал да ја изгуби контролата врз бизнисот, бидејќи со тоа се брише неговиот удел во компанијата од 26 милијарди долари. Најверојатната верзија е дека тој одново ќе преговара за кредиторите и ќе им понуди дел од Твитер по пониска цена за покривање на долгот.

Една од комплицираните опциите што ги споменуваат банкарите е Маск да остави Твитер да прогласи банкрот, и потоа по поевтина цена да го откупи неговиот долг, кој подоцна би се претворил во учество во компанијата доколку и успее да ја трансформира во профитабилна компанија. Ова подразбира подготвеност на банките да му го продадат долгот на Маск по поевтина цена, плус тој да доплати уште пари за долгот што ќе го купи.

Нешто повеќе од 3 месеца откако Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари, вредноста на компанијата сега се проценува на околу 15 милијарди долари.

20 јануари 2023 - 10:23