Гугл е крал на џанк-рекламирањето

Како што постои џанк-фуд, така постои и џанк-рекламирање, кога парите на клиентите одат лапни-голтни, на сајтови чија содржина автоматски е генерирана или од вештачка интелигенција или од слабо платени амали во тн „контент фарми.“ Само за една година, на тој начин во ветер отишле 13 милијарди долари. Ама на некои клиенти тоа јако им звучи, „се рекламираме преку Гугл“.

Преку 140 големи брендови плаќаат за реклами кои, без нивно знаење, завршуваат на булшит веб страници напишани од вештачка интелигенција. 90% од рекламите пронајдени на овие сајтови биле сервирани од Гугл, иако нивна политика е да не поставуваат реклами на страници кои вклучуваат „автоматски генерирана спам содржина“.

Ова го води интернетот кон една реалност преплавена со содржини генерирани од вештачка интелигенција, кои ќе влечат огромни пари од адвертајзинг. Бидејќи рекламите се дистрибуираат по алгоритам на Гугл, клиентите не се ни свесни дека рекламите им завршуваат на сајтови кои никогаш не ги слушнале и кои штанцаат содржини без никаков човечки и професионален труд.

Такви автоматизирани сајтови знаат да произведат и по 1.200 статии дневно. Некои од нив се и убедливи, со ВИ фотографии и биографии на непостоечки „автори“ од импресумот.

Од друга страна, постојат и таканаречени контент фарми на кои работат слабо платени и ниско обучени луѓе кои произведуваат неквалитетни содржини при што се користат сите трикови за правење пари: клик-мамци, автоматско пуштање видеа, поп-ап прозори....

Американската асоцијација на национални адвертајзери открила дека дури 21% од рекламите на нивните клиенти завршиле на вакви сајтови, направени само за кликови.

Тоа се 13 милијарди американски долари годишно.

Гигантот во дистрибуирање реклами, платформата Google Ads, и покрај критиките дека им ги троши парите на компаниите на контент фарми, лани направи приход од 168 милијарди долари од реклами. Од 393 реклами од големи брендови пронајдени на сајтови генерирани со вештачка интелигенција, 356 биле опслужени од Гугл.

28 јуни 2023 - 12:09