ЕУ пак би да ве шпионира на интернет

Новиот закон за електронска идентификација и автентикација што ЕУ сака да го донесе доаѓа со член кој предвидува дека издавачите на сертификати за енкрипција треба да соработуваат со владите и да им дозволат да го шпионираат енкриптираниот интернет сообраќај.

Начинот на кој ова е спакувано предвидува дека владите избираат издавач на сертификат за енкрипција, има и опција истиот да биде основан и управуван од истата влада, а потоа клучевите за енкрипција од тој издавач ќе бидат под контрола на владата и ќе може да бидат користени за пресретнување на ХТТПС комуникација низ ЕУ и пошироко.

Сето ова е сместено во членот 45 од новиот закон, кој бара од компаниите зад интернет браусерите да престанат да користат модерни безбедносни стандарди кон одредени издавачи освен ако за тоа не добијат дозвола од членките на ЕУ.

„Ова е катастрофа за приватноста на секој што користи интернет, но посебно за оние во ЕУ...

... Со други зборови се поставува горна граница за тоа колку висока безбедност браусерите можат да бараат од издавачите на сертификати,“ порачуваат од Фондацијата за електронска граница.

16 ноември 2023 - 11:15