Замрзнатите руски пари донесоа 3 милијарди евра за 9 месеци

Еуроклиар, белгиската компанија што ги чува замрзнатите руски милијарди, објави дека руското купче пари од јануари до септември годинава се зголемило за 3 милијарди благодарејќи на покачените каматни стапки, што е околу 10 пати повеќе од истиот период лани кога сумата порасна за некои си 347 милиони евра.

Компанијата ги чува парите од првиот ден на војната против Русија, бидејќи санкциите од ЕУ и забрануваат на Москва да ги префрли средствата во руските банки.

Во Еуроклиар се заглавени околу 197 милијарди евра руски средства, од кои 180 милијарди се на руската централна банка, што е најголемиот дел од вкупно 300 милијарди долари пари на банката заробени од западните санкции.

Без разлика каков им е ставот кон Русија, Еуроклиар со закон е обврзан да ги реинвестира дури и замрзнатите средства што се во негов посед, што пак позитивно се одразува на рускиот баланс. Од целата ситуација сериозен ќар има и белгиската држава, која годинава наплати 740 милиони евра данок на заработувачка од блокираните руски пари.

Новиот прилив го зголеми притисокот и желбата на Западот некако да најде начин да почне со руски пари да ја финансира Украина и нејзиното обновување.

Најголемата претпазливост околу ваквиот план доаѓа од Германија и Европската централна банка, кои предупредуваат дека користењето на руските заробени пари, без разлика дали тоа е оправдано или не, ќе доведе до намалување на довербата на другите централни банки кои таму ги чуваат своите пари и нивно повлекување.

31 октомври 2023 - 09:59