Некој само што испразни биткоин паричник со 964 милиони долари во него

Не е познато дали во прашање е хакер што го направил грабежот на векот или некому одеднаш му текнало дека има речиси милијарда долари во биткоин.

Се работи за 69369,1671 биткоини, што по денешен курс се 964 милиони долари.

Паричникот (со адреса - 1HQ3Go3ggs8pFnXuHVHRytPCq5fGG8Hbhx) со години беше тема на шпекулации во биткоин заедницата, и се до овој трансфер ова беше една од највредните биткоин адреси што постојат. Неодамна беше објавено дека неколку хакери се обидоа да го пробијат паричникот со помош на брутфорс гаѓање на пасвордот.

Едно од објаснувањата е дека ако не се работи за хакерски упад, тогаш најверојатно сопственикот станал свесен дека некој се обидува да му упадне во паричникот, па ги префрлил парите на друга адреса.

Инаку, паричникот „дреме“ од 2015 без никој да направи никаква трансакција во или од него.

Друго објаснување е дека се работи за некоја од митолошките биткоин приказни во кои сопствениците кои уште на зачетокот од крипто-валутата стигнале до некаков биткоин, го изгубиле пасвордот до својот паричник, па успеале да го пронајдат после неколку години.

4 ноември 2020 - 22:41