Европските компании имаат 100 милијарди евра минус од бојкотирање на Русија

Се работи за директна загуба што ја имаат најголемите европски компании од повлекување или прекинување на секаква соработка со Русија, а половина од сумата отпаѓа на енергетските и услужните дејности, покажува анализата на 600 годишни извештаи спроведена од Фајненшл тајмс.

Во сумата од 100 милијарди евра не е вклучено индиректното макроекономско влијание на повисоките трошоци на енергија и продукти, а ФТ предвидува дека неодамнешните руски потези за преземање на контролата врз руските претставништва на енергетските компании Фортум и Унипер, по што следуваше експропријација на Данон и Карлсберг, работите ќе се влошат.

Според Киевската школа за економија, над 50% од 1.871 компанија во европска сопственост која работеше во Русија пред војната продолжува да работи на пазарот и по почетокот на инвазијата.

„Најголемите загуби од повлекувањето се концентрирани во неколку изложени сектори. Оние во бизнисот со нафта и гас (БП, Шел, Тотал) пријавија вкупна загуба од 40,6 милијарди евра. Овие загуби се надоместени од повисоките цени на гасот и нафтата, кои им помогнаа на овие групации минатата година да пријават поголем профит од вкупно 95 милијарди евра. И вредноста на акциите на компаниите од одбранбената индустрија е зголемена од конфликтот.

Услужната дејност имаше директен удар од 14,7 милијарди, додека индустриските компании, вклучително и производителите на автомобили, настрадаа со 13,6 милијарди. Финансиските компании (банки, осигурување и инвестиции) забележаа минус од 17,5 милијарди долари,“ објавува Фајненшл тајмс.

Топ три со најголема загуба се БП, кој пријавил минус од 25,5 милијарди долари, откако три дена по почетокот на инвазијата објави дека ќе ги продаде своите 19,75% удел во Роснефт. Тотал има 14,8 милијарди долари минус од откажување од својот удел во Јамал гасоводот, а кај Шел минусот е 4,1 милијарда.

Процените на професорот по економија од Универзитетот во Сент Гален, Сајмон Евенет, се дека главниот удар е на неколку големи компании „но кога ќе ги тргнеш нив на страна, просечниот минус може да се толерира имајќи го предвид ограниченото руско присуство.“

Доколку се изземат европските енергетски и услужни компании, најголемата загуба ја има германската хемиска и автомобилска индустрија.

7 август 2023 - 11:21