Електричните коли дигаат рачна

Соочени со растечки залихи и забавување на продажбата, битни директори од автомобилската индустрија неделава признаа дека не испаднало дека „струја ќе ни оди работата“ и дека нивните планови за електрични возила се покажале како преамбициозни, барем во догледно време. Скоро сите електрични денес се продаваат со попусти, ама и натаму тешко се продаваат.

За плановите и перспективите малку поразумно проговорија неколку извршни менаџери во некои од најголемите авто-производители на автомобили, со разбирлива вознемиреност затоа што нивните стратегии за електрификација тежат милијарди долари.

Меѓу нив и Мери Бара од Генерал моторс, една од најнапредните во индустријата кога се работи за електрични коли. ГМ рано влезе во тој пазар, Шевролет Болт го продаваат веќе седум години и храбро најавуваа целосно електрична иднина на компанијата, долго пред да се вклучат конкурентите.

После податоците од третиот квартал, Бара и ГМ настапија со малку поприсебен тон. Компанијата објави дека се откажува од своите цели за производство на 100.000 електрични возила во втората половина на оваа година и уште 400.000 во првите шест месеци од 2024 година. Нови термини за тие таргети не наведоа.

И долгогодишниот лидер на пазарот на електрични возила, Илон Маск, предупреди дека економската несигурност ќе доведат до намалување на побарувачката.

Мерцедес-Бенц, кои ја спуштија цената на своите електрични возила за неколку илјади долари, не ги китат зборовите.

 „Ова е прилично брутален простор“, рече финансискиот директор Харалд Вилхелм. „Тешко дека можам да замислам дека сегашната состојба е одржлива за секого“.

Речиси сите електрични сега се продаваат со попусти, некогаш и по 10%, но и натаму се продаваат потешко од класичните, бидејќи сегашниот бран купувачи се фокусирани на трошоците, инфраструктурните предизвици и дилемите дали е баш време да се променат некои навики од возењето.

29 октомври 2023 - 11:27