Електраната што се сети на биткоинот

Вишокот електрична енергија е еден од најнепрофитабилните и општо расипнички дел од работењето на електро-централите, барем додека не ти текне да почнеш да редиш компјутери и да копаш криптовалути.

Проблемот на една електрана на гас во Њујорк (а и на сите други од тој тип низ светот) е што при појава на вишок електрична енергија во електричната мрежа, тие мораат плинот да го испуштаат во празно за да се запре со производство.

Наместо ова Гриниџ џенерејшн решава вишокот на енергија да ја користи на копање биткоин. За ова имаат ангажирано 7.000 машини што произведуваат 5,5 биткоини на ден, кои по сегашен курс вредат околу 45.000 долари (вкупно).

За сето ова серверската фарма троши околу 15 мегавати од вкупниот капацитет на електраната од 106 мегавати.

Негативно во целата работа е што ваквото решение веројатно одговара само за електраните кои работат на гас. На пример, процената е дека за соларните капацитети повеќе се исплати складирање на електричната енергија за подоцна.

Дополнителна слабост на целиот проект е што тој се исплати моментално, по оваа цена и во овој момент, бидејќи заради самата природа на биткоинот тој со тек на време ќе стане поредок и потежок за копање, па ќе треба и повеќе енергија да се троши за него.

9 март 2020 - 09:51