Писма на читатели од редиците во Северна

- Во 07.15 почнаа првите знаци на живот низ прозорците од канцелариите. Редот позади мене беше исполнет.
- Во 07.30 искра надеж, движење во канцелариите кај пасошите. Искрата беше од плинското со кое се вареше кафе.
Па здравје, кога ќе ме казнат, ќе ви пишам пак.

На 18.12. се сликав на пунктот во Пролече за возачка и и лична карта, затоа што иако добив одобрение преку Е-услуги на 22.08., термините беа закажани за по истекувањето на важноста на моите постоечки документи.

Денес, точно месец дена по сликањето, најавив дека ќе доцнам на работа и уредно се построив во 06.30 во МТВ. Бев 12-13-ти во редот пред искршената врата, каде се чека за пасоши и лични карти.

- Во 07.15 почнаа првите знаци на живот низ прозорците од канцелариите. Редот позади мене беше исполнет.
- Во 07.30 искра надеж, движење во канцелариите кај пасошите. Искрата беше од плинското со кое се вареше кафе.
- Во 08.10 се отвори искршената врата. Си има полицајци и надвор и внатре, го регулираат редот. Јас пропуштив една бремена жена и еден старец кој не можеше да оди и останав за втора тура. За старецот подоцна се испостави дека има важечка л.карта до 2030та.
- Во 08.57 по втор пат се отвори вратата. Влеговме 10-тина. Веднаш го оставив барањето за лична карта на шалтер и чекав до 09.45 кога последен од сите влезени, ми беше кажано дека има проблем со моето барање и да одам во соба бр.35. Инаку, кај личните карти работат преку пет службеници во цивил и најмалку уште десет приправници, млади полицајци во посебни униформи облечени, листаат и пребаруваат.

Отидов во соба 35 за проблематични лични карти, љубезно ми кажаа дека им фали доказ за уплатата, која инаку ми е направена преку порталот на e-uslugi.gov.mk на 22.08.2023 година електронски со дебитна картичка. Потоа порталот ви генерира одговор, со кој потоа одите да се сликате. Не ми прифатија приказ од телефон од електронско банкарство, ме пратија да извадам оригинален извод со печат и потпис од Банка.

Јас што не сум влегол во банка пет години, се вратив со извод во рака по некои 45 минути. Тогаш се сетив да прашам за возачката на шалтер, каде немаше ич гужва. Ми рекоа: дојди за една недела. Затоа што очекував дека може истото да ме снајде, прашав повторно во 35, дали можеби треба да се плашам и за возачките и тие ми се смилуваа и ме пратија во соба 28 да си проверам таму.

Во 28ца срдечно ме пречека една службеничка, дури и наводно ме знаеше по име, затоа што се утепале барајќи да најдат како сум платил 410+170 ден. И нормално ми побараа оригинал потврда, односно извод.

Се вратив пак во соба 35, веќе почнав да си кажувам здраво со полицајците по скалите. Таму ја замолив службеничката да прими копија од изводот, затоа што во 28ца инсистираат на оригиналот. Рече нема проблем и ми го изгенерира барањето и ме извести дека личната карта ќе ми биде доставена дома, од полицаец.

Потоа повторно отидов во 28ца и предадов оригинал од изводот, кој воопшто не го стави во никакво досие, туку ми кажа да немам гајле и да дојдам да проверам за некој ден.

Се плашам дека возачката која ми истекува на 03.02. нема да биде готова до тогаш и дека повторно ќе одам во соба бр.28 и дека најверојатно по првпат ќе возам без возачка.

Па здравје кога ќе ме казнат ќе ви пишам пак.

Поздрав,
Раде

П.С. Ја користам приликата да ги поздравам луѓето од „До Ре Ми“ кај МКЦ, кои ги замолив и ми направија копија од изводот од Банка.

****************

Бонус писмо на читател:

Почитувани,

Како редовен читател, сакав само да ве информирам дека утрово имав прилика да се јавам во МВР за да закажам термин за документи преку брза постапка и доживеав шок. Немам со кој да споделам и затоа Вам ви пишувам.

Ја сум хуманитарен работник кој патува често и се решив да земам две недели одмор за по брза постапка (и околу 8.000 ден за пасош и возачка) да ги добијам документите за да можам да функционирам во странство.

За пасош по итна постапка ми закажаа за еден месец од сега и покрај 6.300 денари грабеж цена. И покрај барање од моја страна да ми се објасни зошто не е два дена (така е на сите МВР инфо табли и на вебсајт), наидов на нервозна операторка која проба да ме соочи со фактот дека таму е лудница и тоа е најдоброто што може да се добие.

Ви го пишувам ова информативно, лут и без надеж дека ова ќе испадне добро по мојата кариера и живот, а без врски и познати луѓе кои можат да го поправат ова срање. Знам дека вие ќе го искористите за луѓето да имаат увид што се случува во ова трло во кое живееме.

Далибор


Поздрав,

20 јануари 2024 - 08:55