Окрепнувачка преписка со читател

Важно е да се роди идеја за крај. Без таква идеја, бескрајот ќе треа многу подолго. Ни остануваат и следните генерации Македонци. Ако со нив не споделиме некаков „влажен сон“, и нив ќе ги изгубиме. Тогаш џабе ни е целото време на овој свет.

Почитувана редакцијо, почитуван Трендо,

Ви нафрлам видео од кантри музичарот Алан Џексон во кое го освоил светскиот рекорд во играње во линија на некоја песна, (барем така тврдат на крајот), со песната „Good time“ или на македонски „Добро време“

Не проверив дали е вистина и колку била долга линијата на луѓе кои играле затоа што воопшто не е релевантно за она што сакам да го споделам со вас.

Замислете ситуација, кога сите граѓани кои се разочарани од одговорот на ЕУ околу процесот на интеграција на Македонија во Унијата, ги напуштат насоките на својата политичка партија и излезат на независен граѓански протест.  

Замислете дека на протестот ќе излезат 100 000 лица.

Замислете дека сите ќе се фатат за рака како да играат оро.

Замислете дека просечниот распон на рацете на ове лицa е 1,7 метри.

Ако замисливте, матемеатиката вели:

1. 100.000 лица со просечен распон на рацете од 1.7 метри, наредени во линија  е еднакво на 170 000 метри.

2. 170.000 метри поделено со 1000 метри во еден километар (км) е еднакво на 170 км.

Поздрав
Јане

*******************

Здраво Јане,

Тука ти почнува грешката:
„Замислете дека на протестот ќе излезат 100 000 лица“.

поздрав и се читаме,
т.

********************

Благодарам на одговорот Трендо,

Во право си дека е ова само мој „влажен сон“ за вистински граѓански активизам. Таков сличен сон имале и Ганди, Мандела, Мартин Лутер Кинг... Имале и Гоце и Даме...

Важно е во сонот, сите кои се чувствуваат репресирани, да го препознаат својот пат кон промената. Важно е, кога незнаат што понатаму, да им се понуди визија.

Историјата покажува дека постојат случаи кога визијата потикната од неколку луѓе созрева во општествена акција.

Зарем Илинден не започнал како сличен „влажен сон“?

Се сложувам со тебе дека моја прва грешка е дека ќе излезат 100.000 луѓе на протест.

Но твојот а и мојот сомнеж дека ова е возможно, сметам дека се производ на организирана активност за сузбивање на граѓанскиот активизам во Македонија (можеби и пошироко).

Игнорирањето на природното право кое е основа на денешното медерно право, jus naturale, како водечка цивилациска идеа која е заснована врз основа на човечката природа и моралистичките идеали за правилно и погрешно, а не на законодавство, судски дејствија или статути, е систематски растресен до своите темели.

А ако темелите се тресат, сите што сè уште природно ги следат принципите, ќе избегаат или добро ќе се засолнат затоа што знат дека на нивните места ќе дојдат оние кои сметаат дека jus naturale ја следат глупаци и слабаци кои треба да бидат покорени затоа што самите се повлекле. А овие, тоа ќе го сметаат за свој „воен“ плен и ќе го злоупотребуваат до бескрај.

Затоа е важно да се роди идеја за крај. Без таква идеја, бескрајот ќе треа многу подолго.

Сметам дека идејата треба да се одржува жива за да почне да расте. А ќе порасне, ќе се окрепи и ќе процвета. Ќе фрли ново семе и ќе се разножи. Пиреј ќе се стори. Сè што не е свое ќе исуши. Од нив суво гранче нема да остане за роса да зароси.

А за тоа треба време. Од сè што имавме само тоа ни остана.

Ни остануваат и следните генерации Македонци. Ако со нив не споделиме некаков „влажен сон“, и нив ќе ги изгубиме. Тогаш џабе ни е целото време на овој свет.

За крај. 

Јас многу ја ценам твојата уредувачка политика и затоа овој одговор не е обид да те разубедам во твојата одлука.

Секако, навистина би ми било драго ако донекаде се согласуваме со размислувањата. Оние 170 км се метафора за моќта на граѓаните наспроти нивната злоупотреба од страна на политичките партии. Можеби во иднина ќе се појави некој кој ваквиот протест ќе го направи возможен.

Затоа сметам дека е општествено значајно да допре до што поголем број луѓе. За жал, моите способности и можности се само да ја споделам мојата визија со тебе.

Јане

22 јуни 2022 - 15:43