УЕФА не му дозволи на Ајакс да игра со детал на дресот посветен на песна од Боб Марли

Правила се правила, велат од Нион каде стриктно се држат до прописите, дури и во ситуација кога некаде во Европа има симпатична приказна за романтичен фудбал.

Холандскиот гигант пред стартот на новата сезона, во август ги промовираше новите гарнитури дресови. Третата варијанта е крајно симпатична и омилена меѓу навивачите, ама УЕФА не им даде зелено светло да играат во тој дрес додека не направат една корекција.

Третата варијанта дрес на Ајакс е во чест на големиот хит на Боб Марли Three Little Birds која што навивачите веќе со години ја пеат на секој меч. На црниот дрес, на задниот дел од крагната има извезено три птички во црвена, жолта и зелена боја во чест на јамајканското знаме и реге музиката на Боб Марли.

Клубот соопшти дека новиот дрес бил купуван дури четири пати повеќе од кој било друг нивен дрес.

Фудбалерите на Ајакс го носеа овој дрес во претходното коло од холандската лига, на дуелот со Цволе, но новинарите и навивачите приметиле дека ги нема птичките на крагната. Клубот одговорил дека УЕФА не им дозволила.

„УЕФА го смета овој дизајн за поразличен од логото на клубот, од техничкиот спонзор и од титуларниот спонзор, а според правилата не е дозволено друг карактер да се стави на дрес“, рекле од клубот, па Ајакс ќе игра во овој дрес без птичките.

Од УЕФА соопштиле и:

„Кога производителот предаде примерок од дресот уште претходно во септември 2020 за одобрување, во согласност со стандардната процедура, УЕФА ги информираше дека птиците не можат да стојат на задниот дел од крагната на дресот зошто тој дел е предвиден само за идентификација на екипата“.

КАКО Е ПЕСНАТА THREE LITTLE BIRDS Little Birds ПОВРЗАНА СО АЈАКС?

Овој голем реге хит на Боб Марли стана химна на навивачите на клубот од Амстердам пред 13 години, а хитот излегол во етер уште во далечната 1977-ма на албумот Exodus.

Во 2008 Ајакс играше на гости во Кардиф пријателска средба против истоимениот клуб во рамки на подготовки за нова сезона.

Диџејот на стадионот на Кардиф ја пуштил оваа песна после мечот додека навивачите на Ајакс спонтано побарале од редарите да останат уште малку на трибините. Им дозволиле па песнава ја испеале до крај.

Им се допаднал хитот и од тогаш до денес редовно се пушта на стадионот „Јохан Кројф Арена“ (некогашна „Амстердам Арена“).

Четири години после епизодата во Кардиф, овој хит станал дел од традиционалниот репертоар на „копјаниците“, а за тоа дознал и синот на Боб, Марли Кај Мани.

Во 2012 син му на Боб Марли дошол во Амстердам и на стадион ја испеал во живо песната Three Little Birds.

„Ова искуство ми го менува животот. Татко ми многу сакаше фудбал а фудбалот и музиката одат рака под рака. Можноста да ја испеам песнава тука, да ја почуствувам енергијата и вибрациите се нешто што никогаш нема да заборавам. Ајакс од сега е мој тим“.

Ќерката на Боб Марли, Сарела Марли исто била среќна: „Повеќе ме трогнува што навивачите на Ајакс ја направија оваа песна своја химна. Ваквите приказни ми го грејат срцето и покажуваат колку значајни можат да бидат песни како Three Little Birds. Фудбалот му беше се на татко ми, он викаше: фудбалот е слобода“.

ПРИКАЗНА ЗА ФУДБАЛСКИОТ ПАТ НА БОБ МАРЛИ И СМРТТА ПО ФУДБАЛСКА ПОВРЕДА