Реми на Македонија во одлична најава за Европско првенство

На Арената „Тодор Проески“ конечно после 2 години пред 10.000 навивачи, македонската фудбалска репрезентација имаше водство против Словенија до самиот финиш кога Словенците израмнија на 1-1. Рутинска и зрела игра како најава за добар турнир летово.

Предводникот на репрезентацијата, Игор Ангеловски, како и што најави на пресот пред мечот со Словенија, не правеше претумбации со составот и во свој стил реши да истрча со најстандардните 11.

На голот Столе Димитриевски, во одбрана редовната тројка Бејтулаи-Велковски-Муслиу, со офанизвните бекови Ристовски десно и Алиоски лево. Средината ја држеа Адеми и Бобан Николов а пред нив Елмас, Трајковски и Пандев.

Нашите момци, во пресрет на Евро 2020 уште од старт влегоа бескомпромисно во мечот и секој дуел им беше како да е дел од квалификациски меч за бодови.

Во почетните 10 минути имавме офанзива која стана препознатлива за Македонија во последниве неколку години. Тргнавме храбро со отворен гард и најчесто преку Елмас и Трајковски се обидувавме да ја пробиеме густата словенечка одбрана. 

Гостите кои дојдоа во мешан состав со ѕвездите Јан Облак и Јосип Иличиќ, мораа да менуваат уште во 5' минута кога Јуре Балковец се повреди па наместо него влезе Марио Јурчевиќ.

Нашите репрезентативци влегуваа жестоко во секој дуел а доказ за тоа се и двата жолти картони на Муслиу и Алиоски во првиот дел. Во финишот од првите 45 минути Словенија создаде пар шанси но ударите им завршуваа покрај голот на Димитриевски.

Во вториот дел Македонија продолжи како и што ја почна средбата, во ист состав и со уште посилни напади. Таквиот пристап вроди со плод во 55' минута кога по еден маестрален центаршут на Алиоски, Елиф Елмас фантастично шутираше од прва и го матираше нововлезениот Вид Белец кој на паузата го замени Облак.

Прав еврогол за нашиот бисер кој го постигна и третиот гол против Словенија во два настапи (во 2019-та им даде два супер гола)

Ангеловски реши да менува веднаш по водството. Бобан Николов и Алекс Трајковски излегоа од игра а влегоа Тихомир Костадинов и Иван Тричковски (63 настапи, 6 гола).

Македонската репрезентација после долго време (2 години) играше пред навивачи (10.000 вечерва на стадионот „Тодор Проевски) па голот како да ги ослободи уште повеќе а публиката имаше што да види од нашите херои.

Во продолжение од мечот, во 70' минута наместо Егзон Бејтулаи и Горан Пандев во игра влегоа стоперот Кире Ристевски и Даниел Аврамовски, а тоа не смени ништо во формацијата па на теренот стоевме идентично со 3-5-2.

Капитенот Пандев неколку пати со овации беше поздравен од гледалиштето.

До крајот од мечот, во последните 15-ина минути игравме мирно, стабилно и со фин посед на топка. Селекторот искористи можност да им даде шанса и на Ферхан Хасани и Дарко Чурлинов наместо Аријан Адеми и Елмас кои добија долги аплаузи и овации.

Во финишот судијата од Косово неочекувано го продолжи мечот за цели 5 минути, а Словенците буквално во 90+7' минута искористија едно невнимание на нашата одбрана и израмнија преку Домен Чрнигој. Во последни секунди кога сите очекуваа крај на мечот и нов триумф на Македонија.

На крајот конечни Македонија - Словенија 1-1 (0-0).

Сума сумарум одлична проверка на формата на нашите момци кои се во добро расположение и кои уште еднаш покажаа дека секогаш и секаде одат беспрекорно.

Во петок Македонија од 18:00 часот игра против Казахстан во последната генералка пред Евро 2020.

Фото: Jan Mlakar/Reuters