Пред еден век војна ги разбуди од сонот за титула, сега вирус

Фудбалот е сосема неважен во ситуација кога цела Италија, цела Европа и цел свет водат битка против Ковид-19. Меѓу оние клубови кои чувствуваат најгорчлив вкус поради прекинот е и клубот кој после долги години тргна во сериозен поход кон скудето.

Познатиот италијански водител Пино Инсењо е познат навивач на Лацио. За ова што се случува, тој вели:

„Нам како да ни е судено да патиме дури и кога не треба да патиме“.

Небесно-сините ја уживаа најубавата сезона сè до избувнувањето на коронавирусот. Втори се на табела со само еден бод помалку од првопласираниот Јувентус. Немаат пораз уште од сега веќе далечниот септември 2019. Играа најубав фудбал во цела Серија А, два пати во декември го победија моќниот Јувентус.

„Мора да останеме дома, тоа е тоа. Вакво време сме немале уште од војната“, додава Инсењо со алузија на тоа дека Лацио кој два пати го освоил скудетото, и претходно во својата историја се соочил со сличен стоп во походот кон титулата.

Во 1915 година војната ги разбудила од сонот за шампионска титула. Во тоа време немало единечно првенство како сега, туку неколку регионални лиги. Сезоната завршувала така што се разигрувало за скудето меѓу најдобрите од секоја лига.

И сè било спремно за фешта, кога избувнала големата Прва светска војна и италијанскиот фудбалски сојуз го прекинал првенството.

Лацио во тоа време имал серија победи па ја освоил мини-лигата меѓу најдобрите четири тима во централна Италија. Се чекало разигрување против најдобрите од југот, но тие натпревари никогаш не се одиграле.

Во 1919 година Италијанската фудбалска федерација ѝ ја доделила титулата на Џенова од таа фамозна сезона 1914/1915. Џеноаните тогаш биле први во северната лига кога сите првенства завршиле на коло пред крајот а на Југот не се доиграле натпреварите па така Џенова немала со кого да разигрува за титулата.

Во февруари годинава, адвокатот Џанлука Мињоња доставил документација до Италијанската фудбалска федерација со која сакал да ги потсети челниците дека според правилата немало правен простор да се додели титула на таков начин. Тој барал скудетото да биде поделено меѓу Џенова и Лацио.

Неговата петиција собрала повеќе од 35.000 потписи. На ова имал право не само Лацио, туку и Интер кој бил трет во тоа време и математички имал шанси за титулата.

Сега, веќе неколку недели Италија е најзагрозена европска земја од коронавирусот. Никому не му е до фудбал, а единствени кои носат посебна горчина се навивачите и фудбалерите на Лацио.

19 март 2020 - 12:02