Полициска рација во Фудбалската федерација на Германија

Првите луѓе на федерацијата се осомничени за затајување данок поврзан со Светското првенство 2006 година.

Полицијата од Франкфурт упадна во Германската фудбалска федерација, но и во домовите на претседателот Волфганг Нирсбах и неговиот претходник Тео Цванцигер кои се сомничат за финансиски малверзации околу Светското првенство пред 9 години.

Обвинувањата за затајување данок уследија по извештаите дека водечките луѓе на германскиот фудбал формирале црн фонд од 6,7 милиони евра, кој бил наменет за купување гласови за Германија да биде домаќин на СП 2006.

Нирсбах ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека таа сума била искористена за поголемо финансирање од страна на ФИФА, а Цванцигер го обвини неговиот наследник дека таков фонд постоел.

Франц Бекенбауер кој беше претседател на организацискиот комитет на Мундијалот 2006 минатата недела изјави дека тој направил “грешка“ во процесот на наддавање за Светското првенство и негираше дека имало купени гласови.

„Со цел да се добијат финансиски субвенции од ФИФА, беше договорено да се прифати препораката од Комитетот за финансии на ФИФА, што од денешна перспектива требаше да се одбие таа понуда“, рече легендарниот германски фудбалер.

Германскиот весник Шпигел објави дека сумата од 6,7 милиони евра, Организацискиот одбор за кандидатура на Германија ја обезбедил од поранешниот директор на Адидс, Роберт Луис Драјфус.

Парите биле исплатени пред ФИФА да ја донесе одлуката за тоа кој ќе биде домаќин на Мундијалот, а требало да се обезбедат гласови од четворица азиски делегати од вкупно 24-те членови на Извршниот комитет на ФИФА.

ФИФА и го додели домаќинството на Германија на 6 јули 2000 година, а делегатите од Азија заедно со колегите од Европа гласаа за Германија која со 12:11 ја победи Јужна Африка, со тоа што делегатот од Нов Зеланд остана воздржан. 

3 ноември 2015 - 12:44