Пет големи финалиња кои ги загуби Јирген Клоп

Тажната серија на загубени финални средби на харизматичниот Клоп синоќа доби нова епизода. Германецот во досегашната тренерска кариера играше пет финалиња во различни натпреварувања, но ниеднаш не го крена пехарот. Да почнеме со ред.

Финале на Лига на шампиони - 2013.

На крилата на неверојатниот Роберт Левандовски кој му даде четири гола на Реал Мадрид во полуфиналето на ЛШ, Дортмунд се пласираше во германското финале на Вембли. Таму Борусија на Клоп загуби 1:2 од Баерн Минхен со голот на Робен кој до тоа финале го сметаа за малерозен.

Финале на Купот на Германија - 2014.

Борусија на Клоп одново загуби од Баерн (0:2) со голови кои паднаа во продолжението. Во 90 минути немаше гол, а потоа Робен и Милер ѝ го донесоа трофејот на екипата на Гвардиола.

Финале на Куп на Германија - 2015.

Борусија загуби во финалето од Волфсбург 1:3, тоа беше последната сезона на Клоп во Дортмунд. Обамејанг го отвори резултатот рано во 5. минута, но Луис Густаво, Кевин де Брујне и Бас Дост му го земаа пехарот на Дортмунд.

Финале на англискиот Лига Куп - 2016.

Само што пристигна во Ливерпул, Клоп наскоро стигна и до своето прво финале. Црвените играа против Манчестер Сити во меч кој заврши 1:1, по што на пеналите славеа „Граѓаните" и Германецот повторно остана со празни раце (Лукас, Лалана и Кутињо не дадоа гол на пеналите).

Финале на Лига Европа - 2016.

Ливерпул беше подобар во првото полувреме и водеше со 1:0 против Севиља, но во вториот дел Шпанците им ја сокрија топката и заслужено славеа убедливо со 1:3.

Ливерпул следната сезона нема да игра во европските натпреварувања, затоа што во Премиер лигата завршија осмопласирани.