Кој се пласираше на Европско, кој има уште шанси и на кој што му треба?

Печат на картите за Европско првенство преку традиционалните квалификации обезбедија Украина, Полска, Италија, Русија и Белгија. На 1 бод од пласман се 5 селекции, а другите чекаат да им се поклопат коцките.

Квалификациите за Европско 2020 се ближат кон финишот, на сите репрезентации им остануваат уште по еден-два меча во ноември, месец кога ќе бидат познати многу недоумици.

Форматот на квалификации за Евро 2020 во исто време и е едноставен и не е: Имено, од секоја група на Европско ќе се пласираат по две репрезентации. А сложениот дел почнува подоцна кога во Лига на нации ќе се формираат четири мини турнири по четири селекции во секој. Ќе се игра Фајнал Фор (полуфинале и финале) на пролет (во март следната година).

Дури после тоа ќе можеме да знаеме конечно кои 24 репрезентации ќе играат на Европското првенство во 12 града.

Есенва (до крајот од ноември) ќе знаеме 20 сигурни учесници.

До денес, квалификувани се Украина, Русија, Полска, Белгија и Италија. По 1 бод им треба на Холандија, Германија, Шпанија, Турција и Австрија, а по 3 бода за сигурен пласман на Франција, Англија, Чешка и Ирска.

Одиме со ред по секоја група од квалификациите:

ГРУПА А

АНГЛИЈА. Англичаните ја згромија Бугарија со 0-6 во меч кој 2 пати беше прекинуван поради расистички испади од страна на бугарските навивачи во Софија. Но во паралелниот меч, Косово ја совлада Црна Гора и остана во трка за пласман на Европско.

Во ноември Англија игра дома со Црна Гора и 3 бода и гарантираат место на Европско првенство.

ЧЕШКА. Аналогно. Дома играат со директниот ривал Косово. Со победа Чесите решаваат се. КОСОВО. Заостанува 1 бод зад второто место кое води на ЕП. Треба да победи во двата преостанати натпревари: со Чешка во Прага и со Англија дома.

ГРУПА Б

УКРАИНА. Се пласираше на Европско.

ПОРТУГАЛИЈА. За на мирен начин да ги приврши квалификациите и да се пласира на Европско и треба 6 бода во натпреварите со Литванија и Луксембург.

СРБИЈА. Треба да ги добие последните два натпревари (со Луксембург и Украина) и притоа да се надева на чудо: Португалците да изгубат бодови со далеку послабите ривали.

ГРУПА Ц

ХОЛАНДИЈА. За пласман на Европско не треба да изгуби од Естонија.

ГЕРМАНИЈА. Исто. Доволно и е да не изгуби бодови со Белорусија.

СЕВЕРНА ИРСКА. Мора да ги победи Холандија и Германија во ноември и да се надева дека некоја од нив ќе изгуби бодови со Белорусија и Естонија.

ГРУПА Д

ИРСКА. Може да се пласира на Европско во вторник, а за тоа треба да ја совлада Швајцарија на гости што нема да биде лесно. Во случај на нерешено, Ирците ќе мора да ја добијат Данска во Даблин во ноември.

ДАНСКА. Исто вечерва може да се пласира на Европско, но за тоа треба да го победи Гибралтар и да се надева на реми на мечот Швајцарија - Ирска.

ШВАЈЦАРИЈА. Мора да победи на трите натпревари до крај: со Ирска, со Грузија и со Гибралтар. Би им одговарало и нерешено со Ирците но тогаш шансите би биле помали зошто ќе мора Данска да изгуби во Даблин и да не го победи Гибралтар.

ГРУПА Е

ХРВАТСКА. Во неделата можеше да си заврши работа, но не го победи Велс на гости иако водеше. Сега на „коцкестите“ им треба минимум бод со Словачка на домашен терен. Во случај на пораз ризикуваат да останат без Европско и покрај неколкуте победи во групата.

СЛОВАЧКА, УНГАРИЈА, ВЕЛС. Најтешка група на репрезентации во моментов. Словачка има 10 бода, Унгарија 12 а Велс 8. Словаците ги чека гостување во Хрватска и домашен меч со Азербејџан. Унгарија гостува кај Велс а Велс треба да игра со Азербејџан на гости.

Во оваа група дури сега почнува се.

ГРУПА Ф

ШПАНИЈА. Може да реши се вечерва. Треба едноставно да не изгуби од Шведска и да се надева на пораз на Романија од Норвешка.

ШВЕДСКА. Ако направат изненадување и ги победат Шпанците, тогаш до крај ќе им биде доволен само бод против Романија.

НОРВЕШКА. Заостанува 4 бода зад второ место. Мораат да ги добијат сите три преостанати натпревари и да се надеваат дека Шведска ќе изгуби од Шпанија и нема да ја победи Романија во последното коло.

ГРУПА Г

ПОЛСКА. Во неделата се пласираше на Европско.

АВСТРИЈА (16 бода), МАКЕДОНИЈА (11 бода), СЛОВЕНИЈА (11 бода). Групата каде што се наоѓа нашата репрезентација е уште една сложена и замрсена група.

Австрија за пласман на Европско ќе мора да освои три бода во дуелот со Македонија, а нашите репрезентативци за историски пласман би морале да направат чудо, да ја победат Австрија на гости и Израел во Скопје и да чекаат Австријците да изгубат од Латвија на гости во последното коло.

Словенија мора да победи со Латвија дома и со Полска на гости и да чека евентуални два порази на Австрија од Македонија и Латвија.

ГРУПА Х

ТУРЦИЈА. Има проста задача - дома да не изгуби од Исланд. Со бод Турците се на Европско 2020.

ФРАНЦИЈА. Исто се е просто - дома да не изгубат од Молдавија.

ИСЛАНД. Скоро и да нема шанси, заостанува 4 бода зад второто место и мора на гости да ја победи Турција и да се надева дека или Турција или Франција ќе изгубат уште некој бод со Андора на гости и со Албанија на гости.

ГРУПА И

БЕЛГИЈА и РУСИЈА се пласираа на Европско.

ГРУПА Ј

ИТАЛИЈА. Пласирана на Европско.

ФИНСКА. Има големи шанси за историски пласман на Европско. Ако ги победат дома Ерменија и Лихтенштајн, ете ги Финците на Евро 2020.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА. Мора да ги победат Грција и Лихтенштајн на гости и да се надеваат дека Финска ќе изгуби бодови во ноември. Босанците имаат и домашен меч со Италија и победа на тој дуел би им била исто огромна можност за пласман на големото натпреварување.

ЕРМЕНИЈА. Многу тешко да се пласира на Европско. Мора да ја победи Финска на гости и да собере повеќе бодови од Босна и Херцеговина. А ги чека гостување во Италија во последното коло.

ШТО Е СО ПЛЕЈОФОТ ОД ЛИГА НА НАЦИИ?

Во случај Швајцарија и Исланд не се пласираат преку класичните квалификации, тогаш конечниот изглед на плејофот од Лига на Нации ќе изгледа вака:

ШВАЈЦАРИЈА - БУГАРИЈА/ИЗРАЕЛ/УНГАРИЈА/РОМАНИЈА
ИСЛАНД - БУГАРИЈА/ИЗРАЕЛ/УНГАРИЈА/РОМАНИЈА
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - УНГАРИЈА/РОМАНИЈА
ВЕЛС - СЕВЕРНА ИРСКА
ШКОТСКА - БУГАРИЈА/ИЗРАЕЛ
НОРВЕШКА - СРБИЈА
ГРУЗИЈА - БЕЛОРУСИЈА
МАКЕДОНИЈА - КОСОВО

За да се пласира на Европско, секоја од овие репрезентации ќе мора да победи два ривали. На пример Македонија за пласман на ЕП ќе мора да ги совлада Косово и потоа во финалето на дивизијата Белорусија или Грузија.

КАКО ДА СЕ КУПАТ КАРТИ ЗА ЕВРОПСКО 2020, КОЛКУ ЧИНАТ, КАДЕ ЌЕ СЕ ИГРА?